Фото: Принт-скрин

Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Босна и Херцеговина (БиХ) по повод одлуката на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, за измените на Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) и Изборниот закон на БиХ, објави дека тоа е одлука исклучиво на високиот претставник, дека извршните овластувања треба да се користат како последно средство против непоправливи незаконски дела, јави агенцијата „Анадолија“.

– Зајакнувањето на функционалноста на институциите на БиХ е клучен приоритет на патот на БиХ кон членство во ЕУ. Речиси една година, ЕУ и Соединетите Американски Држави ги олеснуваа разговорите за уставните и изборните реформи. Длабоко жалиме што политичките партии не успеаја да постигнат избалансиран договор за пакет реформи кои сеопфатно ќе одговорат на нерешените прашања, вклучително и функционалноста на ФБиХ и Домот на народите на ФБиХ – наведува Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Посочуваат дека уставните реформи, согласно барањата од одлуките на Европскиот суд за човекови права и на Венецијанската комисија, во делот што се однесува на Претседателството на Босна и Херцеговина и Домот на народите на БиХ, сè уште е итна и неисполнета задача.

– Препораките на ОБСЕ ОДИХР и ГРЕКО во однос на транспарентноста и интегритетот на изборите не се спроведени. Лидерите на политичките партии во БиХ на 12 јуни во Брисел се согласија дека ќе се занимаваат со овие прашања во рок од шест месеци по формирањето на новите власти. Ги повикуваме да ја почитуваат оваа обврска – велат од ЕУ.

Тие потсетуваат дека Европскиот совет неодамна изјави дека е подготвен да и додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина и ја покани Европската комисија да поднесе извештај за спроведувањето на 14 клучни приоритети.

– По денешните избори, ЕУ верува дека сите политички актери ќе работат заедно за да обезбедат брзо формирање на законодавната и извршната власт на сите нивоа. ЕУ очекува новоизбраните функционери да преземат целосна одговорност за спроведување на амбициозните реформи насочени кон унапредување на интересите на граѓаните, како и натамошниот напредок на земјите на европскиот пат, а во согласност со 14-те клучни приоритети од Мислењето на Европската комисија – додаваат од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.