Наодите во извештајот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права при ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) за изборни нерегуларности во Србија треба да се истражат на транспарентен начин, вклучително и оние поврзани со локалните избори, оцени денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори во Србија ја потврди загриженост на ЕУ дека изборниот процес бара видливо подобрување и дополнителни реформи – наведе Стано на платформата Екс по повод објавувањето на конечниот Извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентари, покраински и делумни локални избори во Србија одржани на 17 декември 2023 година.
Стано во објавата додава и дека ЕУ го поздравува тоа што властите на Србија изразиле подготвеност да работат заедно со ОБСЕ/ОДИХР за спроведување на наведените препораки во извештајот.
– Нема време за губење пред идните избори во земјата – потенцира Стано.
Како што јави допсиникот на МИА од Брисел, во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Србија, објавен вчера, се наведува дека тие биле „технички добро администрирани и на гласачите им бил понуден избор на политички алтернативи“, но дека „системските предности на владејачката партија создале неправедни услови за натпреварувачите“, што овозможиле таа да извојува убедлива победа.
– Во кампањата генерално беа почитувани основните слободи, но таа беше нарушена со остра реторика, пристрасност на медиумите, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси, се наведува во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии набљудувачи од претходно пријавија дека на изборите имало „неправилности“, вклучително и „купување гласови“ и „полнење на гласачките кутии“.
Српската премиерка Ана Брбаниќ во првата реакција, го поздрави Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР оценувајќи дека тој ставил крај на шпекулациите за наводна изборна измама.
– Овој извештај става крај на сите лаги и глупости за кражба на изборите, изјави Брнабиќ, нагласувајќи дека Владата е подготвена да соработува со ОБСЕ во спроведувањето на препораките од Извештајот.
Истрага за текот на изборниот процес во Србија беше побарана и во Резолуцијата што на 8 февруари ја усвои Европскиот парламент, но властите во Белград тогаш го игнорираа оваа барање.
Претходно и Врховниот суд на Србија го отфрли барањето на опозицијата за поништување на изборните резултати поради серија изборни нерегуларности.
Во коментар на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР една од лидерите на здружената српска опозиција „Србија против насилството“, Мариника Тепиќ изјави дека кога некој ќе каже дека изборите се одржале во нееднакви услови, каде што се фаворизира една структура и со агресивна кампања, поларизација на општеството, говор на омраза и навреда на политичките противници и нережимските новинари, тоа се нарекуваат нерамноправни, недемократски и неслободни избори.
– Сите знаат што се случи, само никој не сака да му каже на кралот дека е гол – нагласи Тепиќ.