Словенија

Потенцијалниот нов премиер на Словенија, Роберт Голоб, направи успешна кариера како извршен директор во енергетскиот сектор. Овој 55-годишен стручњак, во времето на словенечката влада на Јанез Дрновшек, бил државен секретар за енергетика во Министерството за животна средина од 1999 до 2002 година. Тој се врати во политиката откако не успеа минатата година да добие уште еден мандат за генерален директор на енергетската компанија ГЕН-1, по 15 години поминати на чело на оваа компанија, пренесе СТА.
Голоб во 2011 година беше потпретседател на Позитивна Словенија, партијата што ја основа градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, која освои победа на парламентарните избори, но не успеа да формира влада. По расколот во неговата партија, Голоб најави враќање во политиката. Тој ја презеде малата зелена партија, која беше преименувана во Движење слобода.
Според политичката ориентација, Голоб е либерал што се залага за лична и општествена одговорност и технократски пристап во власта, која би ја формирал со другите партии од левиот центар. Негови приоритети како премиер ќе бидат зелена и дигитална трансформација на земјата и поддршка на цивилното општество при носењето на законите. Негова задача ќе биде и да се обезбеди доволно енергија за зимата и за заштита на загрозените семејства од ценовните шокови.
Новата либерална партија Движење слобода на поранешниот менаџер Роберт Голоб победи на изборите во Словенија појасно отколку што се очекуваше. Јанез Јанша е поразен по нешто повеќе од две години на премиерската функција.
Опозициската зелена левичарска партија Движење слобода (ГС), предводена од поранешниот енергетски менаџер Роберт Голоб, доби 34 отсто од гласовите и 40 од 90 пратенички места. По речиси сите пребројани гласови, Државната изборна комисија соопшти дека десниот националист Јанез Јанша и неговата партија СДС освоија 24 отсто од гласовите, односно 28 пратенички места. Одзивот на гласачите беше 68 отсто – поголем од одзивите на кои било други избори во Словенија во последните 22 години.
Јасната победа на партијата на Голоб е изненадување. Во Словенија се очекуваше трка рамо до рамо на ГС и партијата на Јанша, Словенечка демократска партија (СДС).
Само три други партии – конзервативната Нова Словенија (НСи, 7 отсто, осум пратенички места), социјалдемократите (СД, 7 отсто, осум пратенички места) и Левица (4 отсто, пет места) – успеаја да го минат цензусот од четири отсто за влез во парламентот. Едно место во парламентот е резервирано за претставниците на италијанското и унгарското малцинство. Голоб може да смета на поддршка од неколку партии од левиот центар за формирање влада.