Постигнат е договор за преминување на границата со кој нема да има дополнителни пречки за граѓаните на Косово во Србија или обратно

За почеток, сите се согласуваат дека е постигнат многу важен компромис меѓу Косово и Србија, а кој беше менаџиран од Европската Унија, со помош на Соединетите Американски Држави, иако сѐ уште има многу отворени прашања за приближување на двете страни до конечниот договор, кој ЕУ го нарекува „правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на односите“

МОЖЕ ЛИ МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА УСПЕШНО ДА ПОСРЕДУВА МЕЃУ КОСОВО И СРБИЈА

Европските медиуми деновиве ѝ посветуваат големо внимание на ситуацијата во Косово, при што повторно се актуализира прашањето колкава е можноста на Европската Унија и воопшто на меѓународната заедница да посредуваат за надминување на тензиите во регионот.
За почеток, сите се согласуваат дека е постигнат многу важен компромис меѓу Косово и Србија, а кој беше менаџиран од Европската Унија, со помош на Соединетите Американски Држави, иако сѐ уште има многу отворени прашања за приближување на двете страни до конечниот договор, кој ЕУ го нарекува „правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на односите“.
Имено, во саботата вечер, по неколкудневни напори на високи претставници на ЕУ и САД, вклучувајќи и директна средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел објави дека Косово и Србија постигнаа договор за преминување на границата до која нема да има дополнителни пречки за граѓаните на Косово во Србија или обратно.
Со тоа се надмина проблемот според кој Косово имаше намера на 1 септември да започне со спроведување на одлуката за реципроцитет кон Србија, што би значело дека на оние со лични документи издадени во Србија ќе им се издаваат специјални карти при влез во Косово, како што Србија го прави тоа за граѓаните на Косово повеќе од десет години. Имено, Србија потврди дека повеќе нема да им издава никакви дополнителни документи на граѓаните на Косово, туку ќе им бидат доволни документите издадени од косовските власти.

Останува проблемот со регистарските таблички на автомобилите

Но тоа не значи дека се надминати сите проблеми. Еден од посериозните е оној со регистарските таблички на автомобилите. Како што е познато, од 2011 година, властите во Приштина признаваа дека Србите во Косово би можеле да користат таблички со КС за Косово, наместо РКС за Република Косово, бидејќи Србија го смета Косово за дел од својата територија. Издадени од ОН, табличките КС се сметаа за „статусно неутрални“. Но договорот истече во 2021 година, а властите во Косово се префрлија да бараат од автомобилите со таблички КС да се префрлат на РКС.
Затоа ЕУ сака што поскоро решение на ова прашање, во спротивно може повторно да се појават тензии. ЕУ забележува дека само Косово има право да издава регистарски таблички на својата територија, но се обидува да најде компромис со некои „европски идеи“, без да разјасни што точно би можело да биде тоа. Косовската влада најави дека во следните два месеца ќе овозможи промена на регистарските таблички на оние што имаат стари со српска ознака или стари косовски за нови таблички на Република Косово. По тоа, косовските власти, како што е најавено, ќе одземаат возила со нелегални регистарски таблички.
Треба да се обележи и тоа дека Косово и натаму предупредува дека Србија не ги исполнува обврските од договорот за енергетика, а Белград ја обвинува Приштина дека не сака да го спроведе договорот за создавање заедница на општини со српско мнозинство. Владата на Албин Курти уште од доаѓањето на власт вели дека „нема да дозволи создавање моноетнички здруженија, бидејќи тоа води кон создавање на Република Српска на Косово“.
Аналитичарите на состојбите очекуваат дека Косово ќе биде под зголемен притисок по ова прашање, бидејќи освен Србија и ЕУ, создавање на оваа заедница бара и Вашингтон, главниот сојузник на Косово. Косово и Србија имаат различни ставови за „конечното решение“ до кое треба да се дојде преку дијалог, а позициите не се приближија ниту по 11 години од овој дијалог под покровителство на Европската Унија. Косово, како и САД и повеќето земји од ЕУ што ја признаа земјата, нормализацијата ја гледа само преку заемно признавање, додека Србија, која има поддршка од Русија, одбива да разговара за признавањето на Косово.

Ниту меѓународната заедница не е семоќна

Кризата зборува и за ограничувањата на ЕУ, која е умерено добра во гаснењето на пожарите, но нема план за трајно решавање на спорот. Урсула фон дер Лејен, шефица на Европската комисија, помогна да се разбие судирот во есента 2021 година. Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, направи сѐ за да ја запре сегашната ситуација. ЕУ дејствува синхронизирано и со САД. Амбасадорот на САД, Кристофер Хил, го поттикна Косово да го одложи спроведувањето на промената на регистарските таблички до септември, а Борел ги рестартира состаноците меѓу Косово и Србија. Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, и Мирослав Лајчак, неговиот колега во Европската служба за надворешни работи, се сретнаа со Курти во Приштина во средата, пред да заминат за Белград во четвртокот, во обид да најдат договор за кризата со регистарските таблички.
Од друга страна, последниот самит во Брисел, на кој Курти и Вучиќ се сретнаа заедно со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не даде никакви резултати, освен договор за продолжување на разговорите. И таканаречениот процес на нормализација – кој предвидува чекор по чекор воспоставување функционални односи меѓу Белград и Приштина, што би кулминирало со правно обврзувачки договор или дури и условно признавање на Косово, е во застој.
Белград не гледа поттик да работи на подобрување на врските со Приштина, бидејќи членството во ЕУ – камен-темелникот на Бриселскиот договор од 2013 година, најзначајниот од дваесетте усвоени договори досега – останува неостварлив, како и секогаш.
Политичарите од косовските Албанци имаат добри причини да не веруваат и во ЕУ. Пет земји-членки на ЕУ (вклучувајќи ја Шпанија, родната земја на Борел) продолжуваат да го негираат признавањето на Приштина, а блокот и понатаму не сака да ги укине визите за косовските граѓани што влегуваат во зоната без пасоши – шенген, слобода што ја уживаат сите други земји од Западен Балкан. Во моментот кога Украина и Молдавија станаа официјални кандидати за ЕУ и додека нивните граѓани долго време патуваат без визи во ЕУ, Косовците се чувствуваат изоставено и изолирано.

Подготвил: Mарјан Велевски