Хрватска

Дронот што се урна кон крајот на минатата недела во близината на студентскиот дом „Стјепан Радиќ“ во Загреб и натаму ги бранува духовите во Хрватска, но и во регионот. Долгиот лет на дронот без да биде забележан или, пак, соборен од страна на некоја од државите во регионот чија територија ја надлета, уште еднаш го отвори прашањето за ефикасноста на противвоздушната одбрана, но и на безбедноста на државите воопшто.
По првите збунувачки изјави на официјалните хрватски претставници, како и многубројните шпекулации, вчера се појави нова информација, која предизвика големо внимание поради актуелноста на проблемот. Имено, неделникот „Национал“, повикувајќи се на извор близок до хрватското министерство за одбрана, објави дека за дронот е утврдено дека ѝ припаѓа на украинската војска и носел бомба наменета за активирање на руските позиции во Украина. Истиот извор открил дека е извесно како дронот излегол од контрола и наместо на руските позиции во Украина, завршил во Загреб, каде што паднал кога останал без гориво. Останува непознато дали леталото изгубило контрола поради човечка грешка или техничка грешка на леталото, кое завршило во Загреб, објави неделникот.
Во меѓувреме беше обелоденето дека за безбедноста на хрватското небо се грижи тактичко летало од американско производство, кое се користи за рано предупредување, што дополнително ја збуни јавноста. Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека авионот „хокај Е2Ц“, во сопственост на Франција, го контролирал хрватскиот воздушен простор на 12 март, кога падна дронот, а тоа ќе продолжи да го прави и понатаму. Тој ја даде изјавата од францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“, закотвен во Јадранот, од каде што во контрола на хрватското небо полетува „хокај“.
Станува збор за тактичко летало од американско производство, кое се користи за рано предупредување, авион со двојни турбопропелери, дизајниран за американската морнарица во 1950-тите, а такви авиони денес користи и Франција. „Хокај“ има инсталирано најсовремени радари, ја следи и снима ситуацијата на теренот и известува за лансирани проектили и ги наведува копнените и воздушните сили. Авионот е управуван од петчлен екипаж, со пилот и копилот во пилотската кабина и тројца офицери на задниот дел од трупот. Американците го користеа во Виетнамската војна како „електронски очи на морнарицата“, а се користеше и за време на Заливската војна. Цената на еден таков авион е околу половина милијарда долари, а моментално го користат Египет, Франција, Јапонија, Мексико, Тајван и САД.