Србија

Некои од училиштата во Србија повторно ќе преминат на онлајн настава, но не поради ковид, туку поради дојавите за поставени бомби. Само завчера имаше дојави за бомби во 97 основни и во неколку средни училишта во Белград, поради што наставата таму не се одвиваше. Вчераутро министерот за образование Бранко Ружиќ изјави дека, поради ваквите дојави, моделот на настава ќе се приспособува, односно таму каде што ситуацијата е безбедна децата ќе продолжат со настава со физичко присуство, а онаму каде што проверката не е завршена, наставата ќе се одвива на далечина. Ако биде потребно, како што изјави министерот, ќе се примени онлајн моделот за да се заврши учебната година.
Се огласи и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која оцени дека дојавите за бомби во Србија се притисок од странство поради невоведувањето санкции кон Русија.
– Ние сме единствената земја во Европа што не воведе санкции кон Русија, а притисоците се неверојатни од ден на ден. Овие дојави за бомби се притисоци од странство поради невоведувањето санкции кон Русија – изјави таа за ТВ Пинк.
Таа додаде дека дојавите за бомбите биле внимателно испланирани и оти тие „сигурно“ доаѓаат од странство, што покажува и фактот што дојавата стигнала до белградскиот Тропикариум, за кој повеќето граѓани не знаат дека постои.

– Некој гледал кои може да бидат туристичките атракции. Кај нас Тропикариумот е мал и повеќето не знаат за него, што покажува дека некој што го испланирал тоа доаѓа од странство, бидејќи да го планирал сето ова некој од Србија никогаш не би му текнало да прати дојава за бомба во тропикариум – објасни Брнабиќ.
Таа рече и дека невоведувањето санкции кон Русија е „исклучително скапо“, бидејќи главното прашање и за инвеститорите стана зошто Србија сè уште не воведе санкции кон Русија, а тоа, како што истакна, дополнително го забавува понатамошниот раст на земјата.
По повод информациите за поставени бомби во Белград се огласи и министерот за внатрешни работи Александар Вулин, кој изјави дека против Србија се води специјална војна и дека целта на сите напади е Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и страв.