Бугарија ќе ја координира инфраструктурата за трансфер на 20 милијарди кубни метри за регионот и Европа. Но прашањата што ќе треба да се разјаснат во наредниот период е кој ќе управува со регионалниот центар за гас и дали Бугарија ќе може сама да одлучува како ќе го распределува овој гас
Бугарија добила силна поддршка од Европската комисија да биде домаќин на регионален координативен центар што ќе управува со заедничката употреба на гасната и електричната инфраструктура во Југоисточна Европа и регионот како целина. Ова е заклучокот од средбите во Брисел со бугарската делегација, предводена од вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев и министерот за енергетика Александар Николов, по прекинот на испораката на гас од „Газпром“.
Според Василев, властите во земјата имаат план за испораки на Бугарија, а тој се спроведува со ЛНГ-гас што доаѓа од терминалот во Ривитуса, од каде што се добиваат дополнителни количества од Грција. Бугарската делегација побара ова да биде одлука не само за неа туку и за регионот. Со ова Бугарија ќе ја координира инфраструктурата за трансфер на 20 милијарди кубни метри за регионот и Европа. Овој координативен центар ќе ги добие најдобрите предлози за заедничка набавка. Но прашањата што ќе треба да се разјаснат во наредниот период е кој ќе управува со регионалниот центар за гас и дали Бугарија ќе може сама да одлучува како ќе го распределува овој гас, односно дали ќе може да го користи тоа во политичките релации со Македонија.
Државната компанија „Булгаргас“ примила додаток на договорот за испорака од руски „Газпром“, со кој се бара да се откаже од своите пари во корист на трет субјект за да се изврши пренос на валутите, но без гаранција дека гасот ќе биде испорачан, изјавија бугарските министри.
– Не сме сигурни да ги предадеме парите на даночните обврзници на трета страна над која немаме контрола, особено на трета страна што ја контролира државата што нѐ смета за непријатели – изјави Василев.
Москва на крајот на март пропиша исплата на гас во рубли за купувачите од земјите што воведоа санкции кон Русија, како што се САД, ЕУ и Швајцарија, блокирајќи го нејзиниот пристап до меѓународниот платен систем.
Грција исполнува повеќе од 30 отсто од побарувачката на гас со увоз од Русија и потпишала долгорочен договор за снабдување со „Газпром“, кој истекува во 2026 година.
– Грчкиот снабдувач со гас ДЕПА мора да ја плати следната сметка, за гас испорачан во април – изјави министерот Костас Скрекас за Радио Скај, без да прецизира како ќе се изврши плаќањето.
Скрекас рече дека ќе платат за да не ги прекршат санкциите и за да обезбедат снабдување со енергија на земјата.
„Газпром“ предложи механизам за плаќање што вклучува правни, финансиски и политички аспекти и сега ги анализираме сите – додаде грчкиот министер за енергетика, повикувајќи ги колегите од ЕУ да усвојат заеднички став за ова прашање на состанокот закажан за идната недела.
Минатата недела Европската комисија им порача на компаниите дека санкциите не ги спречуваат да отворат сметка во Газпромбанк, нагласувајќи дека треба да побараат потврда од Русија дека ги исполниле договорните обврски со уплата на пари на сметката во Газпромбанк.
Портпаролот на грчката влада изјави дека конверзијата е техничко прашање.
– Досега плаќавме во евра и ќе продолжиме да го правиме тоа во иднина. Ќе се разјасни прашањето како тие ќе бидат претворени во рубли. Верувам дека до крајот на мај, кога ќе треба да му платиме на „Газпром“, постапката ќе биде кристално чиста – рече Јанис Иконому на брифингот со новинарите.
Една од најголемите германски енергетски фирми, „Унипер“, изјави дека се подготвува да купи руски гас користејќи платен систем за кој критичарите велат дека ќе ги поткопа санкциите на ЕУ. „Унипер“ вели дека ќе плаќа во евра што ќе бидат претворени во рубли, со што се задоволува барањето на Кремљ сите трансакции да се вршат во руската валута.
Други европски енергетски фирми, наводно, се подготвуваат да го сторат истото тоа поради загриженоста за намалување на снабдувањето.
Подготвил: Митко Јовановски