Под истрага лицето што повторно се претставува како „принц на Монтенегро“
Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) деновиве обелодени афера што сериозно ги разниша политичките кругови во Црна Гора. Во вторникот, кабинетот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ побара внатрешна истрага со која би се утврдило како Стефан Чернетиќ, кој лажно се претставува како принц на Црна Гора и Македонија, присуствувал на прославата на Денот на државноста што се одржа во Цетиње.
– Чернетиќ не беше на списокот на гости што го состави кабинетот на претседателот на Црна Гора. Канцеларијата на претседателот не е одговорна за проверка на гостите што влегуваат на рецепција. Ги повикуваме релевантните служби да истражат како дошло до ова – изјавија за БИРН од кабинетот на Ѓукановиќ.
Ваквата реакција беше предизвикана од објавата на Фејсбук, каде што Чернетиќ на својот профил објави фотографии на кои се гледа како позира со Ѓукановиќ и со црногорскиот принц Никола Петровиќ-Његош, кој е внук на кралот Никола и владеел со земјата меѓу 1860 и 1918 година. Истиот ден, домаќин на Чернетиќ му бил и највисокиот епископ на Српската православна црква во Црна Гора, митрополитот Јоаникије, кој го крсти синот на Чернетиќ. Српската православна црква и Чернетиќ не одговорија на прашањата на БИРН за тоа како била организирана средбата.
Инаку, лажниот принц е познат и во македонската јавност. Тој во септември 2018 година беше во Скопје каде што се сретна со тогашниот премиер Зоран Заев и му додели одликување. Откако Чернетиќ објави фотографии од средбата во кабинетот на Заев, од Владата соопштија дека станува збор за „неофицијална средба од неформален карактер со лицето Стефан Чернетиќ“.
Шеесет и двегодишникот, всушност, е новинар за кулинарство, роден е во Торино, Италија. Тој стана светски познат во јуни 2017 година кога италијанските власти отвориле истрага поради измами на претставници на локални власти, дипломати и холивудската актерка Памела Андерсон.
Полицијата во градот Бриндизи тврди дека Чернетиќ и уште едно лице патувале низ Италија со „мерцедес“со дипломатски таблички и знамиња на Република Црна Гора. Но тие предизвикале сомнежи откако поминале една недела во луксузно одморалиште на италијанското крајбрежје. Кога одморалиштето ја испратило сметката до црногорското Министерство за надворешни работи, тоа одбило да ја плати. Медиумите објавија дека за време на истрагата, италијанските власти конфискувале голем број фалсификувани печати, дипломатски дозволи и сертификати за меѓународни награди со црногорски грб и логоа.
Црногорската амбасада во Италија предупреди дека Чернетиќ „зборува и изгледа како личност што е присутна и влијателна во црногорските институции, што апсолутно не е точно“.
Фејсбук-страницата на лажниот принц, создадена во февруари 2014 година, сведочи за неговите средби со голем број познати луѓе. Тој, на многу од нив, исто така, им доделува и безвредни витешки титули, награди и други почести.
Меѓу неговите фотографии има бизнис-моќници, политичари, вистински членови на кралското семејство, како принцот Алберт Втори од Монако, и високи членови на Католичката и на Православната црква.
Подготвил: Марјан Велевски