Полицијата во Бугарија лишува од слобода осомничени за подготовка на гласачки измами пред изборите
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) извести за „масовна злоупотреба на владините ресурси за време на изборите во април“. Поранешни бугарски пратеници тврдат дека „постои цел систем во земјата што работи на купување гласови и државата не го спречува тоа“. Истите извори додаваат дека „очигледно некои партии се чувствуваат целосно слободни“, при што „дел од парите е веќе префрлен“…
Подготвил: Mарјан Велевски
Полицијата во Бугарија изврши апсења за организирана гласачка измама во понеделникот, на неколку локации низ земјата, пред општите избори на 2 октомври.
Во приморскиот град Приморско, 11 лица беа уапсени и за измама со гласање и за поседување наркотични супстанции. Во Перник, во близината на Софија, полицијата откри инкриминирачки докази за измама, како што се списоци со лични податоци на луѓе што се подготвени да ги продадат своите гласови.
Исто така, во понеделникот, полицијата спроведе контроли во селата во близината на Пловдив, но не уапси никого. Слични операции се спроведени во градовите Шумен и Ќустендил.
Минатата недела полицијата беше активна во два града во близината на Дунав од истите причини. Во саботата, во Козлодуј, беше уапсен маж што ги поттикнувал луѓето да гласаат за пари. Во средата минатата недела беше приведено уште едно лице во близината на Лом. Во вторникот, во Бургас, беа уапсени тројца.
Бугарите на 2 октомври ќе гласаат по четврти пат од април 2021 година на парламентарни избори. Една неодамнешна анализа на БИРН заклучи дека овие избори веројатно само ќе резултираат со уште една кревка влада и ќе доведат до можни петти избори во 2023 година.
Изборите се очекува да бидат обележани со помал одзив на гласачите: околу 50,61 отсто гласаа во април 2021 година, кога поранешната владејачка централнодесничарска ГЕРБ победи на народното гласање, но не успеа да обезбеди коалициски партнери.
Одзивот падна на 42,19 проценти во јули 2021 година, кога Има таков народ беше на прво место, но ги игнорираше опциите за партнерство во потрага по целосно мнозинство во следниот круг.
Одзивот повторно падна на 40,23 отсто во ноември 2021 година, кога Ние ја продолжуваме промената на Кирил Петков дојде на врвот и формира немирна, главно прозападна влада.
Претстојните избори се резултат на гласањето недоверба на Петков во јуни годинава, кога беше симнат неговиот кабинет и продолжи политичкиот метеж.
Според извештајот на Индексот на слободата за 2022 година, „сите три парламентарни избори одржани во 2021 година се сметаа за генерално конкурентни и слободни од меѓународните мисии за набљудување на изборите“. Сепак, беа пријавени наводни случаи на заплашување гласачи и купување гласови од различни групи, вклучувајќи и од партијата Движење за права и слободи (ДПС); ваквите неправилности се постојани во економски и социјално ранливите заедници. Набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), исто така, извести за „масовна“ злоупотреба на владините ресурси од страна на актуелниот претседател ГЕРБ за време на изборите во април“.
Неодамна, Демократска Бугарија, која беше дел од неодамнешната коалициска влада, ги критикуваше властите дека не го истражувале заплашувањето на гласачите пред изборите, наводно иницирано од главното етничко турско Движење за права и слободи и од ГЕРБ.
Постои цел систем во земјата што работи на купување гласови и државата не го спречува тоа – рече Атанас Атанасов, поранешен пратеник на Демократска Бугарија, на ТВ на 18 септември.
Но Атанас Атанасов не даде докази за своите тврдења.
Очигледно овие партии се чувствуваат целосно слободни. Дел од парите е веќе префрлен -додаде тој.
Според анкетите, ГЕРБ, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, се смета за фаворит на претстојните избори.