Со изборот на привремената влада во Бугарија се раширија сомневањата дека новата задача на привремениот премиер Гулуб Донев, кој беше предложен од бугарскиот претседател Румен Радев, е да ја врати земјата под руско влијание, вклучувајќи го и исполнување на условот на Москва за плаќање на природниот гас во рубли, со што би ги прекршил санкциите од Европската Унија

Новата привремена бугарска влада не ја исклучува можноста да преговара за новиот долгорочен договор со рускиот „Газпром“, изјави Еленко Божков, привремениот заменик-министер за енергетика во Бугарија, во интервју за „Нова ТВ“.
Со изборот на привремената влада во Бугарија се раширија сомневањата дека новата задача на привремениот премиер Гулуб Донев, кој беше предложен од бугарскиот претседател Румен Радев, е да ја врати земјата под руско влијание, вклучувајќи го и исполнување на условот на Москва за плаќање на природниот гас во рубли, со што би ги прекршил санкциите од Европската Унија.
Бугарија го добиваше поголемиот дел од потребите за гас од „Газпром“, но руската компанија кон крајот на април годинава ги прекина испораките бидејќи Владата, на чело со Кирил Петков, одби да го плаќа гасот во рубли. Тогашниот министер за финансии Асен Василев изјави дека Софија нема да преговара за нов договор со руската компанија, пишува „БНЕ интелињуз“.
По ова, владата на Петков обезбеди испорака на една милијарда кубни метри гас од Азербејџан, во периодот пред довршувањето на гасоводната мрежа Грција – Бугарија. Но ова е само една третина од годишната потрошувачка на Бугарија.
Актуелниот договор со „Газпром“ истекува кон крајот на 2022 година. Меѓутоа, преодната влада на Гулуб Донев ја разгледува опцијата за потпишување долгорочен договор со „Газпром“. Во меѓувреме, преговорите со Азербејџан, кои ги почна владата на Петков, се на пауза додека новиот тим не ги дознае деталите од договорот.
– „Газпром“ е опција и не гледам ништо лошо во тоа – изјави Божков.
Поранешниот бугарски министер за енергетика, Александар Николов, повеќепати нудеше помош на новата влада со информации за тоа што е направено и какви контакти биле воспоставени. Но засега од новата преодна влада никој не побарал средба со него. Петков ја обвини новата влада дека намерно одолжува со издавање на последните документи потребни за гасниот интерконектор Грција – Бугарија да стане целосно оперативен. По остварување на овој проект, Бугарија ќе може да ги обезбеди сите свои потреби за природен гас, без користење на услугите на руската компанија. Прашањето на долгорочно снабдување со гас и натаму е неизвесно, а од Владата изјавија дека настојуваат да купуваат гас на спот-пазарот за да се задоволат краткорочните потреби на Бугарија.
Иван Иванов, шефот на државниот регулатор за вода и енергија, КЕВР, изјави дека Бугарија ќе се потпре на Европската Унија за да ги задоволи потребите за зимската сезона. Претходно, раководителот на државната компанија за гас „Булгаргас“, Георги Топчиски, изјави дека на Бугарија ѝ недостигаат 40 отсто од природниот гас потребен за зимската сезона, наспроти напорите на претходната влада, која обезбеди седум танкери со течен природен гас (ЛНГ). Танкерите, кои беа договорени со САД, ќе пристигнат до бугарските терминали, доколку привремената влада обезбеди слободен простор за истовар на гасот.
– За сите е од најголема важност овие избори да дадат одговорно мнозинство. Исто така, важно е ова мнозинство да ужива висок легитимитет, кој доаѓа од високиот одзив на гласачите – изјави претседателот Румен Радев на почетокот на работната средба со претставници на институциите надлежни за подготовка и одржување на претстојните предвремени парламентарни избори во октомври, информира БГНЕС.
Претседателот инсистирал на активна информативна кампања за машинско гласање.
– Треба да се зголеми довербата во машинското гласање. Машинското гласање ја покажа својата ефикасност и придонесе за намалување на купените гласови. Потребна е активна замка за информации за машинско гласање. Се надевам дека ќе се вклучат и медиумите – порача Радев.

Подготвил: Митко Јовановски