Премиерката на Србија Ана Брнабиќ оцени дека реакцијата на меѓународните мировни сили КФОР е задоцнета на северот на Косово, каде дојде до судир меѓу српското население и косовската полиција, додавајќи дека тие денес ги „штитат узурпаторите од демократија и обични граѓани“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Немам ниту еден добар збор за нашите партнери во ЕУ или нашите партнери во КФОР, нивната реакција беше задоцнета. Тие мораа да бидат таму во петокот, на начин како што се денес таму – изјави Брнабиќ.
Таа потсети дека мандатот на КФОР, според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, е да ги штити мирот и стабилноста, а пред се луѓето.
-Денес тие не ги штитат луѓето, не ја штитат демократијата, не ги штитат институциите. Тие се денес таму за да ги заштитат узурпаторите од демократијата и обичните луѓе и обичните граѓани – оцени Брнабиќ.
Таа му се заблагодари на српскиот народ во Косово што е „достоинствен“ на протестите пред општинските згради кои ги обезбедуваат КФОР и косовската полиција и нагласи дека Србија мора да продолжи да го одржува мирот.
-Ова се тешки времиња, ја следиме ситуацијата, но овакво непочитување на какви било демократски принципи од меѓународната заедница е навистина зачудувачки за мене, и е целосно соголено и не кажува ништо добро за нив – изјави таа.
На прашањето кои би можеле да бидат следните чекори на Белград, Брнабиќ рече дека е неопходно тоа да се остави на дипломатијата и додаде дека српскиот претседател Александар Вучиќ имал многу телефонски разговори и средби по тој повод.