Фото: Влада Србија

Србија

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека во овој момент главните осомничени за планирање на атентатот на претседателот Александар Вучиќ се надвор од дофатот на српските безбедносни служби. Брнабиќ изјави дека безбедносните служби деноноќно работат на пронаоѓање на оние што го планирале атентатот на претседателот на Србија.
– Сите тие што се осомничени и за кои имаме докази се надвор од дофатот на нашите безбедносни служби и засега не можеме да дојдеме до нив – рече Брнабиќ.
Според неа, во планирањето на убиството на Александар Вучиќ се вмешани двајца црногорски државјани, но и лица од други земји.
– Апсолутно им верувам на нашите безбедносни служби, тие немаат лесна задача, туку имаат исклучително тешка задача. Сите безбедносни служби работат заедно – сите даваат сѐ од себе. Верувам дека ќе го спречиме ова. Дали се чувствувам безбедно во овој момент – не, не се чувствувам. Имаме уште многу работа, не сме ја отстраниле безбедносната закана по животот на претседателот Александар Вучиќ. Верувам дека ќе ја отстраниме, но мораме да работиме дење и ноќе – изјави Брнабиќ.
На прашањето дали има доверба во оние што директно го обезбедуваат претседателот, премиерката рече дека неговата безбедност во моментов е на максимум.
– Постојат неколку безбедносни обрачи околу претседателот Вучиќ. Немам информации што се појавија во медиумите дека имаме такви сомнежи… Момците што се во непосредното обезбедување веруваат дека во секој момент би го дале својот животи за него, тие се сериозни луѓе, сериозни патриоти и сериозно лично го сакаат претседателот – рече Брнабиќ.
Таа изјави и дека Србија им е благодарна на странските партнери со кои соработува во врска со овие информации, меѓу другите и на Европол.


Снајперот требало да дојде преку „патот на дрогата“?

Снајперската пушка од која требаше да биде убиен Александар Вучиќ е набавена во Чешка, дознава српски „Телеграф“. Радоје Звицер, водачот на Кавачкиот клан, кој има силна мрежа во таа земја, организирал смртоносното оружје легално да се купи во околината на Прага. Идејата била снајперот, расклопен на делови, да се пренесе во Бугарија, а потоа во Србија да влезе преку граничниот премин Градина. Овој граничен премин не е избран случајно. Станува збор за маршрута што традиционално ја транспортира дрогата од Турција до Европа. Иако пушката требало да биде внесена преку Бугарија, атентаторот ќе дојдел од друг правец, односно од Унгарија, со лажен пасош.