Почна да се трупа оружје на Балканот, Сараево е првата станица
Граѓаните на Сараево, но и на другите градови во Босна и Херцеговина изминативе денови се силно вознемирени, бидејќи им се вратија лошите слики од не толку далечното минато. Звуците на авионите што го параат небото, проследени со татнежот и чкрипењето на гасениците на оклопните возила и зголемениот број војници по улиците си го направи своето. Луѓето повторно ја почувствуваа воената психоза за која мислеа дека нема да се повтори.
Повод за ваквото размислување е распоредувањето на новиот контингент на ЕУФОР во БиХ, проследено со тренажни летови на млазни авиони, по барање на Франција. Војниците на ЕУФОР, исто така, шетаа низ главниот град. Возеа низ улиците на Сараево. Новиот контингент од 500 војници е мерка на претпазливост, велат властите. Според „Дојче веле“, намерата е со демонстрација на сила да се испрати порака дека „нештата во БиХ мора да останат такви какви што се!“
Се трупа војска, а нема безбедносен ризик?!
Но иако од повеќе страни се укажува дека засега не постои никаков безбедносен ризик на теренот, кога станува збор за нарушување на мирот во Босна и Херцеговина, во последните денови е засилено присуството на силите на ЕУФОР, особено по влегувањето во земјата на преостанатиот дел од контингентот од 500 војници резервисти од Австрија, Бугарија, Романија и од Словачка.
Покрај тоа, командата на Алтеа, воената мисија на ЕУ во БиХ, ја прифати понудата на Франција, над БиХ да почнат да се изведуваат тренажни летови со борбени авиони „рафал“. Како што се наведува, летовите ќе се одвиваат „преку Западен Балкан“, со ловци од носачот на авиони „Шарл де Гол“, кој пристигна од Медитеранот.
„Во вакви времиња, кога безбедносната рамнотежа во Европа е нарушена, Европската Унија ја покажува својата постојана посветеност и решително да ја поддржи сигурната и стабилна атмосфера во БиХ и на Западен Балкан“, наведе Алтеа.
Безбедносната ситуација е стабилна на целиот Западен Балкан, сметаат аналитичарите, но истакнуваат дека ниедна од овие демонстрации и преместување трупи не е случајна. Западот сака да испрати јасна порака, не само во БиХ туку и на просторот на цела поранешна Југославија, дека нештата нема да се менуваат.
„Засилувањата што ги испраќа ЕУФОР се порака дека БиХ се гледа како потенцијален извор на криза и сакаат да дејствуваат превентивно. Со демонстрацијата на сила се сака да се докаже дека ЕУ гледа на БиХ и следи сè што се случува во политичкото опкружување“, вели воено-политичкиот аналитичар од Белград, Александар Радиќ.
Претходно, на крајот на февруари, во БиХ пристигна првата единица во рамките на распоредувањето дополнителни 500 припадници на ЕУФОР. Тоа активирање на резервите е „мерка со која се дава поддршка на веќе распоредените трупи на ЕУФОР и партнерите во БиХ“. Изминатиот викенд почна распоредувањето на другите припадници на воената мисија на ЕУ, па со овие 500, ќе ги има вкупно 1.100 во БиХ.
„Тоа е сè во рамките на нивната мисија и во рамките на согласноста на надлежните органи на БиХ, вклучувајќи го Претседателството. Само сега е прашањето дали е ова моментот за такво нешто, особено за тренажните летови, имајќи предвид дека луѓето се веќе доволно потресени од воените случувања во Украина. Се создава психологија на страв, што би можело да биде, што би можело да се случи, дали етнонационалистите во БиХ би можеле нешто да преземат. Јас апелирам до политичките елити да ги надминат сите разлики. А што се однесува до конфликт, не постои шанса да го има на територијата на БиХ“, вели професорот на Факултетот за безбедност во Бања, Лука Душко Вејновиќ.
Аналитичарите веруваат дека медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот на Русија и на Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација и на просторот на Западен Балкан. Добар пример за тоа, смета германската агенција, е неодамнешниот повик на министерството за одбрана на Србија до резервниот состав за изведување воени вежби овој месец. Некои од западните медиуми на оваа активност гледаат како демонстрација на сила, пред сè кон земјите во опкружувањето.
Министерско разногласие
Сифет Поџиќ, министерот за одбрана на БиХ, во разговор со пријателите од Брисел и од Вашингтон отворено вели: „Велам дека безбедносната ситуација во земјата е влошена“. Државната граница, области каде што имаше ексцеси во јануари годинава, се предлозите на министерот за одбрана за распоредување дополнителни сили на ЕУФОР во БиХ.
За разлика од државниот министер за одбрана, сојузниот министер за внатрешни работи Аљоша Чампара тврди дека безбедносната состојба не е нарушена. Меѓутоа, сега е време НАТО и ЕУ сериозно да размислат за членството на БиХ.
„Имате разни информации, имате разни дезинформации, имате постојан обид да се преплашат луѓето овде во БиХ. И јас имав можност да слушнам за тоа, ми се јавија луѓе, дури и некои новинари, кои добија одредени информации за обидот за дестабилизација, но мислам дека состојбата во моментов е на задоволително ниво. Морам да бидам искрен дека веднаш се слушнав со министерот Лукач, разговаравме за безбедносната состојба, можеби ќе се сретнеме во следниот период“, рече Чампара.
Спомнатиот министер за внатрешни работи на РС, Драган Лукач, нема ништо против присуството на дополнителни војници и ги повикува граѓаните на Република Српска да не се вознемируваат доколку ги видат на улица. А во БиХ нема можност за војна, тврди Лукач.
„И сигурен сум дека никој од граѓаните на БиХ не сака да им се повтори ова на нивните деца. Што се однесува до сите политички субјекти во БиХ, ги повикувам да работат овде за помирување и мир, а не за влевање страв меѓу народот, подигање тензии или какви било воени опции, воените опции на територијата на БиХ никогаш не донеле решение и волја за во иднина“, посочува Лукач.
За ситуацијата во Босна и Херцеговина треба да расправа и Европскиот парламент. Во случај на потреба, веќе е најавено дека ЕУФОР има на располагање уште 2.000 војници надвор од БиХ, кои може многу брзо да се активираат. Поактивна улога во целиот случај неодамна најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
ЕУФОР, кој во 2004 г. ги замени мировните сили на НАТО во Босна и Херцеговина, се состои од 3.500 припадници, од кои 1.100 во моментов се распоредени во земјата.