Фото: Илустрација

Трговскиот синџир „Конзум“ во Хрватска најави намалување на цените на 250 домашни производи кои не се опфатени со владината одлука за ограничување на цените.

Оваа одлука доаѓа во пресрет на масовниот бојкот на продавниците, кој за утре го најави потрошувачката платформа „Ало, инспекторе“, по моделот на минатонеделниот протест на купувачите. Истовремено, хрватската Влада најави проширување на списокот на производи со ограничени цени на 70 артикли.

„Конзум“ посочува дека станува збор за „атрактивни производи од хрватски производители, кои редовно се наоѓаат во корпите за купување на повеќето нивни клиенти“.

Намалените цени на овие производи остануваат непроменети до 01.06.2025 година, освен можните дополнителни попусти.

Просечниот попуст е околу 10 отсто, додека на некои артикли надминува 30 отсто. „Конзум“ наведува дека во оваа нова рунда намалување на цените инвестирала дополнителни милион евра.

Намалените цени се однесуваат на млечни и пекарски производи, замрзната храна, сувомесни производи, конзервирани производи, пијалоци, како и средства за лична нега и хигиена во домот.