Фото: ЕПА

Црногорската полиција трага по непозната жена што на 12 април од филијала на банка во Херцег Нови зела огромна сума пари, ја ставила во црн ранец и излегла на улица, по што ѝ се изгубила трагата

Германска измамничка шема профункционира и на Балканот

Црногорската полиција трага по жена што на 12 април успеала да извади 1,3 милион евра од сметката врз основа на фалсификувани документи на клиент на Ловќен банка и исчезнала без трага!
Филмската измама била откриена на 13 април, кога жена од Будва, која имала висок штеден влог, отишла да се пожали во банка дека не барала да ѝ се исплатат парите што ги чувала кај нив.

Како течел добро разработениот (измамнички) план

Измамничката наводно на 11 април најавила дека ќе ја подигне својата заштеда во филијалата на Ловќен банка во Херцег Нови, од каде што, бидејќи станува збор за голема сума пари, ја известиле за датумот кога може да ги подигне парите што ги побарала. Еден ден подоцна таа отишла во филијалата. На службените лица им приложила лична карта, за која се претпоставува дека била фалсификувана. Имено, во личната карта биле податоците на оштетената клиентка, но фотографијата била на измамничката, па таа подигнала милионска сума, пренесуваат црногорските медиуми и наведуваат дека осомничената мирно излегла од банката со парите во црн ранец, кој го донела со себе, и дека никој не ни забележал дека станува збор за измама.
– Според првичните сознанија, постои сомневање дека жената имала разработен план, како и дека имала соучесници во оваа голема измама. Индикативен момент е и дека прво морала да биде известена дека токму оваа клиентка од Будва имала толку пари на сметката. Дополнително, таа за да изврши идентификација морала да извади фалсификувани документи, поточно лична карта, но и картичка од споменатата банка. Така истражителите утврдуваат дали имала помош „однатре“, односно дали ѝ помогнал некој од вработените во банката, како и дали имала помош од МВР, за да ги фалсификува документите на оштетената будванка – вели извор од истрагата за црногорските медиуми.
Истиот извор објаснува дека вакво организирано криминално дело не можело да го изврши едно лице.
– Кога филијалата на Херцег Нови сфатила дека му ги исплатила парите на погрешно лице, случајот веднаш бил пријавен во седиштето на банката, лоцирано во Подгорица. Известена е и полицијата, а во истрагата се вклучи и обвинителството – објасни тој за локалните медиуми.
Со прегледување на видеонадзорот во сопственост на Ловќен банка е снимено лицето на измамничката што успеала да ги измами вработените во банката, кои и исплатиле пари врз основа на лажни документи.
Дополнителна доза на неизвесност внесува податокот дека полицијата сѐ уште го нема името на измамничката и сѐ уште интензивно трага по неа.
– За неа се знае само нејзината слика снимена од надзорната камера на банката – велат добро упатени извори.
Истрагата ја поведе самата банка, која ги проверува сите вработени што имале контакт со осомничената.
– Се утврдува како и кога осомничената стапила во контакт со банката, како и кој службеник ѝ ветил и закажал време кога ќе ѝ бидат исплатени парите. Исто така се проверува кој ѝ ги исплатил парите без детално да се утврди дали станува збор за клиентот чии пари се всушност на сметката – вели изворот.

Истрагата ја има снимката од камерите, но не може да ја идентификува жената што ја измами банката

Испразнета благајна и покрај досега оценетите „одлични безбедносни контроли“

Владимир Васиќ, финансиски експерт, вели дека ваков случај на измама немало во последните 15 години, бидејќи регионалниот банкарски и верификациски систем е подигнат на највисоко можно ниво.
– Вакво нешто ретко се случува, но, како што гледате, можно е да се случат ваков тип измама и кривично дело. Оштетениот клиент ќе си ги добие парите од осигурувањето, бидејќи банката го осигурува и штити секој клиент. Едноставно е неверојатно вработен во банка да не се сеќава на ликот на клиент што има толку голема сума пари кај себе, бидејќи таквите клиенти се ретки и буквално по филијала имаш еден или двајца такви клиенти или воопшто немаш – вели Васиќ.
Финансискиот експерт додава дека во банките се проверува апсолутно сѐ и дека контролите се навистина големи.
– Се случуваат грешки, сега дали некој од вработените само згрешил и не направил соодветна проверка или некој внатре во банката му помогнал на осомничениот, ќе утврди истрагата. Не исклучувам никаква можност – вели Васиќ.

Изолиран случај – да или не?

По повод случајот се огласија и од Ловќен банка и изјавија дека самите ќе спроведат истрага во колективот за да ѝ помогнат на полицијата во откривањето на сторителот на ова кривично дело.
– Анонимно лице, користејќи фалсификувани документи, извршило измама на штета на еден наш клиент. Преземени се сите мерки за целосна заштита на оштетениот клиент, со напомена дека станува збор за изолиран случај што е покриен со полиса за осигурување и не може да влијае на редовното функционирање на банката – соопштуваат од банката.


Босанка извадила милион евра и побегнала во Црна Гора

Филмски грабеж многу сличен на актуелниов во Црна Гора се случи во октомври минатата година во Германија. Тогаш Босанката Мирнеса С., позната како Мики, ја ограбила фирмата во која работела во Германија и успеала да извади милион евра, а потоа исчезнала без трага. По неа тогаш беше распишана меѓународна потерница, а беше лишена од слобода дури во јануари, на аеродромот во Штутгарт, откако се предаде во придружба на адвокат.
Интересно е што Мирнеса по грабежот се криела во Црна Гора, како што пишуваа тогаш медиумите.

Подготвил: Mарјан Велевски