Декласифицирани документи на американските служби
Карти на американската Централна информативна агенција (ЦИА) на кои била симната ознаката „тајно“, кои се објавени неодамна, говорат дека САД добро биле запознаени за распадот на поранешната сојузна држава СФР Југославија уште во 1970-тите години.
Како што пренесува српски Б-92, овој документ, кој бил подготвен во раните седумдесетти години од минатиот век, сега ѝ е веќе достапен на јавноста и зборува за евентуалните проблеми во посттитова Југославија, што е интересно, бидејќи иако Тито веќе бил во поодмината возраст, тој починал десет години подоцна откако документот бил подготвен. Па, така, српските медиуми пренесуваат дека ЦИА веќе однапред го почувствувала крвавото распаѓање на Југославија.
– Потенцијалот за катастрофа е реален – се вели во документот, во кој се предупредува дека доколку Едвард Кардељ или Коста Црвенковски побараат оставки по смртта на Тито, Хрватите би можеле да тргнат кон отцепување, што може да се спречи само со воена акција под српска власт и со црногорските генерали.
Ако ова доведе до екстремен заклучок, тоа може да значи граѓанска војна – стои во објавениот документ на ЦИА.
Во документот исто така се посочува и дека Словенија и Хрватска се многу побогати од другите делови на Југославија и ги нагласуваат аспирациите на Хрватска за независност. На крајот во анализата на ЦИА има речник со кој се посочува дека со Хрватска долги години владееле Виена и Будимпешта и земјата многу веројатно ќе се потпира на помошта токму од овие држави доколку дојде до немил настан. Интересно е што американските тајни служби и тогаш го посочувале силниот милитантен национализам во Хрватска и Србија, кој, според нив, влечел корени уште од времето меѓу двете светски војни.