Влегувањето на Германија во рецесија би се одразило на целата Европска Унија, особено на земјите во нејзиниот источен дел, а меѓу најзагрозените ќе се најде и Хрватска
Индустриското производство во Германија во јуни се намалило за 1,5 отсто во однос на претходниот месец, што го подгреа стравот дека најмоќната економија во Европа може да влезе во рецесија. Аналитичарите очекуваат натамошен пад на германската економија и во вториот квартал годинава, по незначителниот раст во првите три месеци. Влегувањето на Германија во рецесија би се одразило на целата Европска Унија, особено на земјите во нејзиниот источен дел, а меѓу најзагрозените ќе се најде и Хрватска, пишува во текстот објавен во „Вечерњи лист“.
Падот на индустриското производство е поизразен ако се гледа на годишно ниво во однос на јуни 2018 година и изнесува 5,3 отсто. Како причина за ова се јавува падот на производството на метали, машини и автомобили, објаснуваат германските аналитичари.
Дамир Новотни, економски експерт во Хрватска, вели дека растот за извозно ориентираното стопанство какво што е германското се темели на побарувачката од странство, која е намалена, пред сѐ во САД и во Кина, кои водат меѓусебна трговска војна.
– Тоа значи дека германската економија ја губи позицијата на овие пазари, а особено се однесува на автомобилската индустрија и на сите придружни дејности. Исто така, во Германија има проблеми и во домашната побарувачка. Таа заздрави од времето на големата криза во 2008 и 2009 година – вели Новотни за „Вечерњи лист“.
Германската автомобилска индустрија се соочува со проблеми поради преминување од дизел-возилата на електрични автомобили. Падот на индустриското производство во јуни ја закопа секоја надеж дека со некои поголеми порачки ќе заздрави индустрискиот сектор. Истражувањата за расположението на германските бизнисмени упатуваат на ново забавување во јули, а трендовите се повеќе лоши отколку добри – забележува Ендрју Кенингам од консултантската фирма „Капитал економист“.
Минатата недела реномираниот „Ифо институт“ објави дека расположението меѓу германските работодавци достигна најниско ниво во последните седум години. Сепак, другите економски параметри на Германија, во овој период се релативно стабилни. Во земјата има речиси целосна вработеност, а стапката на невработеност во април годинава изнесуваше 3,1 отсто. Инфлацијата е на ниво од 1,6 отсто, што е во рамките на планираниот пораст на цените на Европската централна банка од два отсто. Порастот на БДП во првиот квартал годинава порасна за 0,4 отсто.
За Германија е неизвесно уште едно сценарио, смета аналитичарот Новотни. Поради недоволните вложувања во истражувањата и развојот, германската економија заостанува во дигитализацијата, а недостигаат и доволно иновации, како што е во САД. Оттука и стравот дека Германија би влегла во период на долгорочна стагнација, со која се соочува и Јапонија. Германските компании ги зголемиле резервите, така што се очекува БДП во вториот квартал да падне на 0,2 отсто, по што Германија и службено би се нашла во рецесија.
– Падот на германската економија особено негативно би се одразил и на земјите од Источна Европа, чии компании се вклучени во овој круг на побарување, како што се Чешка, Полска, Словачка… Домашните компании ги наполниле складиштата, а рецесијата ќе ги запре новите нарачки. Во Источна Европа нема доволна домашна побарувачка и производи, кои овие земји би ги извезувале. Тоа е лекција што веќе ја научивме од 2008 и 2009 година – објаснува Новотни.
Хрватска се наоѓа во иста состојба како и другите источноевропски земји. Хрватската металопреработувачка и дрвната индустрија зависат од германскиот пазар. Има многу хрватски работници во Германија што би се нашле на удар на рецесијата. Структурата на националната економија не е подготвена за нова рецесија, бидејќи домашната потрошувачка и инвестициите не се на задоволително ниво.