Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека нема да има поделба на Косово и дека територијалниот интегритет е тема којашто е тргната од дневниот ред и никој повеќе не ја споменува.Во објавата на Фејсбук, Хоти рече дека заедно со меѓународните пријатели, го вратил Косово таму кадешто припаѓа.

– По нарушените односи со ЕУ и САД, сега имаме поддршка од сите за целта на дијалогот, а тоа е заемно признавање и нормализирање на односите. За еден месец, ја отстранивме темата за каква било расправа за територијалниот интегритет на Косово од секоја дискусија, која никој веќе не се споменува – рече косовскиот премиер, пренесува „Косово онлајн“.

Според него, ваквиот пристап кон дијалогот е легитимен и единствен, а помина и времето на изолационистичка политика и страв од конфликт.

– Ние решително и храбро избегнавме ќор-сокак и ги преземавме државните одговорности во дијалогот. Ние го сторивме тоа без двоумење, бидејќи се водевме од принципот на зачувување на територијалниот интегритет и единство на државата, како и целосно почитување на уставноста – рече Хоти.