Хрватските новинари денеска под мотото „Ни ги одзедовте медиумите, не го даваме новинарството“ имаа протестен марш, а своите осум барања против цензурата ги доставија до Универзитетот Загреб и до Владата.

Тие порачаа дека доста е прогон на новинарите и ја повикаа Владата конечно сериозно да ја сфати таа тема и нивните проблеми.

– Доста беше прогон на новинарите, доста е од уништување на јавната професија, што трае со децении – изјави претседателот на Хрватското новинарско друштво (ХНД) Хрвоје Зовко пред Новинарскиот дом.

Тој додаде дека Владата „игнорантски се однесува, бидејќи мисили оти игнорирањето е решавање на проблемите“. Зовко наведе дека тоа го правеле и претходните хрватски влади со што се уништува новинарството.

– Живееме во земја каде новинарите се осудуваат поради објавување на вистинити информации, па поради тоа, време е да кажеме доста е – истакна Зовко.

Тој им се заблагодари на сите кои беа на протестот, а ги поздрави и присутните новинари од Србија и од Босна и Херцеговина, потенцирајќи оти „покажале човечка и новинарска солидарност“.

– Не можете да не тужите колку што ние можеме да зборуваме, тоа на сите им е јасно – истакна Зовко.

Тој повтори дека во Хрватска во моментот се водат најмалку 1.163 судски процеси против новинари и нивните медиумски куќи, а „јавниот сервис води крстоносна војна против новинарите, медиумите и ХНД“.