Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека Белград воопшто не е задоволен од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Косово и дека тоа нема да влијае позитивно на односите на Србија со еврејската држава, пренесува РСЕ.
– Ова се очекуваше шест месеци, затоа во Вашингтон и не сакавме да го потпишеме документот заедно со Албанците и Американците. Не сакавме да го охрабруваме тоа, туку да го охрабриме Израел да не го стори тоа, но Израел избра дека Америка им е најважна. Тоа нема да влијае добро врз нашите односи, но отвора некои други перспективи за кои не би сакал да зборувам сега – рече Вучиќ.
По средбата со францускиот претседател, Вучиќ рече дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Израел и Косово, ниту една муслиманска земја нема да сака да ја признае независноста на Косово.
Вучиќ изјави дека Србија сега ќе почека да види дали Приштина ќе го почитува својот дел од договорот од Вашингтон и дали ќе дозволи изградба на пруга од Приштина до Мердар.
Тој рече дека Србија сега чека и на поделба на енергетските ресурси на езерото Газивода со Косово врз основа на договорот од Вашингтон бидејќи Белград, како што рече, во моментот нема ништо од Газивода.