Претседателите на Србија и Словенија, Александар Вучиќ и Борут Пахор на денешната средба во Белград укажаа на пријателските односи меѓу двете земји, што се рефлектира и во растот на трговската размена и оценија дека  дијалогот меѓу Белград и Приштина игра значајна улога на патот на Србија кон членство во ЕУ.

– Разговаравме за европскиот пат на Србија, имаме поддршка од Словенија и сакаме овој пат да се забрза. Има толку многу работи „како и зошто“, но клучно прашање е односот на Белград и Приштина, а ние за тоа разговаравме. Верувам дека ќе ја имаме поддршката од Словенија ако дојде до изнаоѓање на можно решение кое ќе гарантира сигурна иднина и мир. Доколку дојдеме до тоа, а сега сме далеку, по воведувањето на нецивилизациските такси за стоки од Србија – рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Пахор по нивната средба.

Словенечкиот претседател рече дека Словенија ги поддржува амбициите на Србија да стане членка на Европската унија.

– Пред 10 години, кога во Европскиот совет се зборуваше за Србија, реков дека таа треба да влезе во ЕУ што е можно поскоро. Србија ја има нашата поддршка и ми беше важно повторно да го чујам ставот на Вучиќ и ставот на државата за решавањето на прашањата во преговорите – изјави Пахор.

Тој оцени дека постојат различни погледи околу некои прашања меѓу Словенија и Србија, но дека неговата актуелна посета има за цел да ја зајакне довербата и односите на сите планови.

Прашан за корекција на границите како можно решение за Косово, Пахор рече дека не ја исклучува таквата можност, но дека таквото можно решение „не треба да донесе колатерална штета на другите земји во регионот“.

– Јас не би го отфрлил тоа, но би бил многу внимателен – рече Пахор.

Тој оцени дека не мисли оти Србија поради протестите што се одржуваат е во политичката криза и дека не сака да се меша во внатрешните работи на земјата.

По повод изречените сомнежи од словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар за европската ориентација на Белград, Вучиќ одговори дека Србија секако останува на својот европски пат, но ќе одржува добри односи и со Русија.

– Па јас така Ви одговорам на Вас од Европската унија, исто како што им кажувам на (рускиот претседател) Владимир Путин и на Америка. Србија нема две политики, туку една, политика на српски интереси. Но, политиката на Србија не ја води никој од страна, па ни Церар. Но, знам дека тој е наш пријател и дека навистина не го мислел тоа. Нешто му се случило тоа утро – рече Вучиќ по состанокот со словенечкиот претседател Борут Пахор.

Со словенечкиот претседател во Белград допатуваа и околу 500 стопанственици, кои ќе учествуваат на Економскиот форум на Србија и Словенија.