Подготвил: Mарјан Велевски
Подгорица – Граѓаните на Црна Гора плаќаат најевтино гориво во регионот, соопштија од тамошната влада. Како што е наведено на инстаграм-профилот на црногорската влада, литар еуросупер 95 чини 1,26 евро во Црна Гора, 1,35 евро во Словенија, 1,37 евро во Македонија, 1,39 евро во Хрватска, 1,46 евро во Босна и Херцеговина (БиХ), 1,48 евро цо Србија, 1,62 евро во Косово и во 1,69 евро во Албанија. „Литар еуросупер 98 чини 1,3 евро во Црна Гора, 1,4 евро во Македонија, 1,64 евро во Хрватска, 1,65 евро во Србија, 1,67 евро во Босна и Херцеговина и 1,7 евро во Словенија“, се вели во табелата објавена на инстаграм-профилот на црногорската влада. Граѓаните на Црна Гора и Македонија плаќаат 1,48 евро за литар еуродизел, 1,6 евро во Словенија, 1,62 евро во Хрватска, 1,64 евро во БиХ, 1,83 евро во Србија, 1,88 евро во Албанија и 1,9 евро во Косово.
Софија – Бугарскиот Национален статистички институт (НСИ) вчера ги објави резултатите од 18-от попис на населението, според кои на 7 септември 2021 година во Бугарија живееле 6.519.789 луѓе. Жените се 3.383.527 (51,9 отсто), а мажите 3.136.262 (48,1 отсто), јави бугарската новинска агенција БТА. Директорката на управата при НСИ, Магдалена Костова, изјави дека во периодот помеѓу двата пописа населението во Бугарија се намалило за 844.781 лице, или за 11,5 отсто. Резултатите покажуваат дека просечната годишна стапка на намалување на населението годишно се зголемила од 0,7 отсто во периодот 2001-2011 година на 1,2 во периодот 2011-2021 година.
Приштина – По визната либерализација, во рок од пет до седум години, Косово според објективните процени ќе го напуштат 800.000 жители, тврди Донат Сиља. Сиља, кој е прв шеф на генералниот конзулат на Косово во Канада, истакнува дека визната либерализација ќе влијае на депопулација на Косово. Тој рече дека граѓаните на Косово лесно се приспособуваат на европскиот пазар на трудот. „Косовската дијаспора е многу добро структурирана, со капацитет да ја апсорбира работничката класа од Косово. Тука е и фактот дека земјите од ЕУ имаат голема потреба од работници, особено Германија“, изјави Сиља. Според пишувањата на турските медиуми, Косово во последните десет години го напуштиле 529.647 граѓани, или 30 отсто од вкупното население. Бројот на жители во Косово за 2021 година се проценува на 1.773.971 жител, јави ТРТ Балкан.