Атина – Од вчера во Грција стапи во сила новата одредба со која се намалува полицискиот час, кој ќе започнува во 1.30 часот по полноќ, наместо како што беше досега пред полноќ. Со измената на времетраењето на полицискиот час ќе се продолжи и работното време на угостителските објекти, а дополнително ќе биде дозволена и жива музика. Кафулињата и рестораните и натаму ќе смеат да услужуваат гости само на отворено, односно на летните тераси и на плажите.
Доколку епидемиолошката слика во земјата е добра, од 1 јули целосно ќе биде укинат полицискиот час, а на прославите ќе бидат дозволени најмногу 300 гости наместо 100, како што е сега. Актуелните мерки во Грција, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.
(„Независен“)

Приштина – Премиерот на Косово, Албин Курти, одржа свеченост по повод 12 јуни, денот кога меѓународните воени и цивилните трупи влегоа на Косово во 1999 година,
– Дванаесетти јуни означува крај на геноцидот на Косово. Ние треба да ја тужиме Србија за геноцид извршен врз народот на Косово – рече Албин Курти. („Косев“)

Тирана – На вонредниот конгрес на Социјалистичката партија, лидерот Еди Рама зборуваше за третиот мандат и за Албанија во 2030 година.
– Оваа историска победа ни донесе историска одговорност. Реализација на обем на одлуки, реформи и конкретна работа за да крајот на оваа деценија да Албанија се искачи на врвот, што Албанците и го заслужуваат. Земја според стандардите на ЕУ, земја во која слободата и правдата зрачат со нашето европско припаѓање на секојдневната реалност, земја шампион во овој регион на Европа, со енергија, туризам, земјоделство и јавни услуги. Земја со високо национално и меѓународно достоинство, каде што Албанија е секогаш прва. Ова е Албанија од 2030 година и ова е нашата мисија – порача Рама. („Алсат“)


– Сите поминавме низ нешто што го немавме претходно. Училиштата и фирмите беа затворени, концертите и собирањата беа откажани. Некои изгубија драги лица. За заболените заздравувањето беше тешко. Некои се разведоа. Пандемијата и карантинот за сите нас беа трауматични на различни начини. Траумата често поттикнува различни механизми на одбрана, а трошењето пари е еден од нив – психологот Лео Иванишевиќ за однесувањето на белграѓани, кои по попуштањето на епидемијата, времето го поминуваат во пазарење во трговските центри, во купување разни производи и во дружење во ресторани.
– Сакаме да се покриваме со производи и искуства за да ги покриеме нашите емоции, да ги пополниме празнината и осаменоста што траумата ја остава зад себе – објаснува Иванишевиќ за „Блиц“.