Специјалното обвинителство на Косово подигна обвиненија против 11 луѓе на високи позиции меѓу кои и министер и повеќе пратеници осомничени за непочитување на рамноправниот статус на државјани и граѓани на Косово.

Според обвинението, тие злоупотребиле службени позиции за да обезбедат незаконски привилегии и предности за личности кои конкурирале на различни функции.

Со тоа оневозможиле и ограничиле со закон загарантирани права и слободи на други кандидати.

Според соопштение на Специјалното обвинителство на Косово, обвинение е подигнато за министер и пратеници, но и против поранешни пратеници, двајца генерални секретари во министерства, еден заменик министер, двајца политички советници, директор на јавно претпријатие и службеник.

Предметот се нарекува „Пронто“, што е назив и серијал текстови и аудио записи од телефонски разговори на највиоски косовски официјални лица кои во 2016 година ги објави порталот „Инсајдер“.

Обвинетите злоупотребувале службена функција, соработувале меѓусебно давајќи привилегии и незаконски приоритет на лица кои конкурирале за важни позиции. Како што е место за директори на јавни фирми, извршен директор на Агенцијата за регистри во МВР, шеф на Агенција за медицински производи и координатор на центар за цивилна регистрација во општина, и со тоа ограничувале слобода и права на други кандидати што им се загарантирани во законот.