Косовската специјална единица ЊСО е оформена во 1999 година кога на Косово стигнала специјалната полиција на УНМИК (ЦИВПОЛ), со цел да ги обучи локалните полициски сили, пишува Б92.

Тие се обучувани од шефот на ЦИВПОЛ Американецот Анхел Квиепо и неговиот заменик Џим Ренфро кои важат за стручњаци за сузбивање на шверцот на наркотици, апсење по потерници и за разбивање на демонстрации, како и експерти од САД, Германија, Велика Британија, Франција и од Турција.

Ренфро од 2000-та година ја презема функцијата на шеф на единицата базирана во Косово Поле, која за време на неговиот мандат била преименувана во РОСУ (Регионална оперативна единица за поддршка) и нејзините припадници биле распоредени низ сите региони на Косово. Таа го добила сегашниот назив ЊСО (Њесиа Специјале оперативе) во 2008 година, по прогласувањето на независноста на Косово.

Како дел од вооружувањето на ЊСО се користат пиштолот „Глок 19“, „Хеклер МП-5“, модификуван калашников „АК-47“, а во одредени случаи и снајпери.

Се наведува дека оваа единица се активира при поголеми немири, протести, ризични апсења, разбивање на демонстрации, заштита на политичари и учество во акциите за пронаоѓање дрога. 

Силите на ЊСО неколку пати досега интервенираа на северот на Косово, во 2011 година кога Србите поставија барикади, по што беа и на територијата на Зубин Поток, кога ги апсеа Србите поради убиството на косовскиот специјалец Енвер Замбери. Минатата година учествуваа и во апсењето на директорот на српската канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ.