Грција

Нови 108 случаи на заболени лица со мутации на ковид-19, од кои 107 се од британскиот и еден од јужноафриканскиот тип, е вчерашниот здравствен биланс во Грција. Со ова, вкупниот број на мутирани случаи во земјата се зголеми на 174.
Новите случаи се по анализираните примероци за периодот од 12 до 27 јануари, а 80 во областа Атика, поширокиот дел на Атина, од кои 50 во дом за стари лица, 14 се на Халкидики, 11 во Патра и по еден во Солун и во Пиериа.
Првиот случај на јужноафриканската мутација на ковид-19 е во Солун, кај свештено лице во солунска црква, соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас.
Хардаљас рече дека случајот не се однесува на ширење на вирусот меѓу членовите на конкретниот соборен храм и истакна дека „нема потреба од паника, потребни се смиреност и трезвеност“.
Заменик- министерот за цивилна заштита на Грција и претседателот на Националната организација за јавно здравје, Панајотис Аркуманес, вчера итно заминаа за Солун, откако беше потврден првиот случај на јужноафриканскиот тип на ковид-19, пренесоа медиумите во регионот.
Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 156.957 случаи на ковид-19, а починаа 5.796 лица.