Љубљана – Стотици родители и деца протестираа во Копер против одлуката на Владата повторно да ги затвори училиштата и градинките во регионот Обално-Крашка по само неколку дена настава во живо, поради малку зголемениот број на нови случаи, а се најавуваат и слични настани во некои региони за денеска. Во последните 24 часа, со намален опсег на тестирање се потврдени 580 нови инфекции со коронавирусот и 13 смртни случаи. („Индекс“)

Атина – Повеќе од половина Грци, односно 52,6 отсто, позитивно го оценуваат повторниот почеток на прелиминарните контакти со Турција, иако не се оптимисти за позитивна разврска, а исто толку (52,9 проценти) сметаат дека се влошиле грчко-турските односи во споредба со лани, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење посветено на надворешната политика на Грција. („Њуз247“)

Приштина – Косово и Израел вчера потпишаа договор за формално воспоставување дипломатски односи, неколку месеци по договорот за заемно признавање со посредство на САД. Како дел од договорот, Косово ќе отвори амбасада во Ерусалим. Косовската министерка за надворешни работи Мелиза Харадинај-Стубла и нејзиниот израелски колега Габи Ашкенази ќе го потпишат договорот виртуелно поради пандемијата на коронавирусот. Претставници на израелското министерство за надворешни работи посочија дека таканаречената Зум-дипломатија ќе биде историска прва за двете земји што воспоставуваат односи виртуелно преку комбинација на видеокомуникација, скенирање документи и испраќање по е-пошта на договорот.
(„Макфакс“)


Бисер балкански

Србите јадат помалку леб

Потрошувачката на леб во Србија е во постојан пад, а за последните 13 години се намалила за 33 отсто. Според официјалната статистика, годишната просечна потрошувачка на леб и печива по член во домаќинство во 2006 година изнесувала 101,5 килограми, додека во 2019 година била 66,7 килограми. Податоците се добиени врз основа на анкета за потрошувачката на домаќинствата во Србија.
– Потрошувачката на брашно за производство на леб се намали за 125.000 тони. Намалувањето на уделот на брашното за производство векни леб е резултат на повеќе фактори: намалената потрошувачка на леб по жител и намалениот број на жители во земјата – информираат од здружението на пекарски организации и мелници „Житоунија“.