Шефовите на делегациите од Кина и 16-те земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) денеска во Белград го одржаа вториот состанок на високо ниво на Координативниот механизам за соработка во областа на шумарството меѓу Кина и земји од ЦИЕ, на кој главна тема беше „Климатските промени и шумарството во 21-от век“.
Македонија, на средбата во Белград учествуваше со делегација, претставена од државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Нефрус Челику и раководител на одделение во рамките на Секторот за шумарство и ловство Јурант Дика.
Делегациите на земјите учесници усвоија Белградска заедничка изјава, во која позитивно се оценува двегодишниот извештај на активностите кои се преземаат од страна на механизмот за координација во шумарството меѓу Кина и земјите од ЦИЕ за 2016/2018 и цврсто се поддржуваат предвидените две годишни активности за 2018/2020.
Земјите учесници, меѓу кои и Македонија, потврдија дека на почетокот на 21 век светот се соочува со многу несигурности кои беа иницирани од предизвиците за климатските промени.
– Ние сме посветени да се преземат соодветни стратегии за адаптација за развивање на мерки со кои шумарството може да се прилагоди на климатските промени, особено во земјите, каде што покрај економскиот интерес во шумарството, интересите, како што се зачувувањето на висок биодиверзитет, заштитните функции, локална употреба на не-дрвни производи и туризмот добиваат во важност, се наведува во усвоениот извештај од состанокот.
Од страна на македонската делегација на состанкот беше истакнато дека „фокусот на македонските национални придонеси кон ублажувањето на климатските промени (ИНДЦс) е ставен на ублажување на климатските промени и на политиките и мерките што доведуваат до намалување на емисиите на гасовите на стакленички гасови. Според пописот на емисиите на гасовите на стакленички гасови, речиси 80 отсто од емисиите на ЦО2 се генерираат со согорување на фосилни горива, со доминантно учество на секторите за снабдување со енергија, градежништво и транспорт. Поради овие причини, македонските придонеси засега главно се фокусираат на ублажување и намалување на ЦО2 и ги покриваат само претходно споменатите сектори. Сепак, ова не значи дека прилагодувањето на климатските промени е помалку важно. Ранливите сектори, како што се шумарството и адаптацијата кон климатските промени, ќе бидат предмет на идна подетална анализа, од аспект на барањата за придонеси. Во овој контекст, добро е познато дека шумите играат клучна улога во справувањето со климатските промени. Одржувањето здрави шуми и ублажување и приспособување кон климатските промени се двете страни на истата монета.
Состанокот во Белград го отворија министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство на Србија Бранислав Недимовиќ, министерот за енергетика и рударство Александар Антиќ, министерот за екологија Горан Триван, а присуствуваа делегации од 16 европски земји Албанија, Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Чешка, Латвија, Литванија, Естонија, Романија, Црна Гора, Словачка, Унгарија, Полска, Македонија, Србија и Кина, која ја предводеше Лиу Дунгшенг заменик директор на Државната администрације за шумарство.