Мора да бидеме сложни, бидејќи мора да го победиме невидливиот, итар и неверојатно подмолен непријател! И тоа непријател што веќе се вовлече во нашите ѕидини. И висококонсензуалните и длабоко поделените и раскарани општества, за миг открија дека најдлабоката поделба меѓу луѓето не е меѓу оние што се на власт и оние што се во опозиција…

Ќе има време за политика кога ќе заврши пандемијата. Тоа го вели Срѓа Јанковиќ, имунолог од Белград, еден од оние блескави лекари и стручњаци за јавно здравство што деновиве одненадеж го освоија срцето на нацијата. До збор истото тоа го зборуваат и воените претседатели, а денес сите претседатели на овој свет се воени претседатели, бидејќи сите политичари во светот прекуноќ ја усвоија воената реторика.
Мора да бидеме сложни, бидејќи мора да го победиме невидливиот, итар и неверојатно подмолен непријател! И тоа непријател што веќе се вовлече во нашите ѕидини.

И висококонсензуалните и длабоко поделените и раскарани општества, за миг открија дека најдлабоката поделба меѓу луѓето не е меѓу оние што имаат и оние што немаат. Не е меѓу оние што се на власт и оние што се во опозиција. Не е ниту меѓу елитата и бедотијата, ниту меѓу патриотите и автошовинистите. И во одамна поларизираната земја, како и во богатите и уредени европски земји, во кои две или три многу слични партии со децении мирно се менуваат на власт, денес најдлабока е поделбата меѓу здравите и болните.

А, ако сме во војна, непријател е секој носител на вирусот, вклучувајќи и дете, нечие внуче што безгрижно си игра недалеку од нас, а никој во паркот не може да знае дали во него веќе се вселил опасниот патоген и почнал со размножување. Тоа е војна во која непријател не ни е само оној што седи мирно дома и никогаш не го гледаш. Конечно, тоа е војна во која со непријателот не можеме да потпишеме примирје, не можеме да му понудиме автономија, не можеме да го залажеме со екстериторијален статус за средновековните манастири, или да го смириме со три места во владата, односно со членство во Обединетите нации.

Ако е ова војна, ние сме во таа војна истовремено и војска и цивилно население. Микробот не прави разлика меѓу нас, како што не прави разлика меѓу Хавиер Солана и Марти Ахтисари. Влезе во Белата куќа, право во кабинетот на потпретседателот Пенс, како што се вовлече во шпанската, италијанската и француската влада.
Микробот е аморален и аполитичен, анационален и неидеологизиран, можеби дури би можело да се каже и дека е совршено демократски настроен: не прави разлика меѓу општествените класи, раси, нации и степен на општествена моќ. Кога заврши со Кинезите, мина океани и токму сега им се потсмева на претензиите на најстарите цивилизации, најголемите воени алијанси во историјата на човештвото, на „исклучителните нации“ и на триумфализмот на победниците на Студените војни.

Можеби претеруваат оние западни гласови што, по примерот на Италија, прогласуваат пропаст на Европската Унија, но факт е дека претседателот на Србија, со нему својствениот патос, за Кина и Европската Унија го кажа само она што пред него го кажаа Италијанците и „Њујорк тајмс“, кој сега го истакнуваат сѐ поголем број гласови од најразлични светски адреси.
Погледнато од мој агол, ЕУ на кризата во Италија реагираше како СФРЈ на иселувањето на Србите и Црногорците од Косово и на „антиреволуцијата“ во 1981 година: со кршење раце, мноштво фрази, спомнување на Маршаловиот план, студени калкулации и целосна рамнодушност.
Словенците можеби само логично заклучија дека е подобро од државната заедница, во која тие им даваат помош на неразвиените, да преминат во заедница на држави, во која тие ќе примаат помош за неразвиени, а се под фирмата на демократија и човекови права, се разбира.

Како што би рекол лобистот на НАТО од Белград (внимавајте, без намера да биде циничен, во одбрана на Западот): „Кога е ваква епидемија, секој гледа за себе, не постои пријателство. Можеби меѓу големите сили и нема битни разлики, можеби сите нивни политички пријателства се исти“.
Но дали критиките што деновиве низ светот ги затрупуваат апелите за кинеска помош се израз на разочарувањето на западњаците, кои од Кина очекуваа да почне сѐ повеќе да личи на Запад и да го прифаќа водството на Западот, а сега увидуваат дека Кина претставува сериозен предизвик за западната хегемонија? Или се израз на оправдано незадоволство дека Кина не го извести светот за заканата од новиот вирус?
Можеби повеќе е првото. Бидејќи сѐ повеќе западни експерти ги критикуваат своите влади, за кои тврдат дека го прокоцкале времето што Кина му го купи на остатокот од човештвото.

Но не мора сега да даваме дефинитивни одговори на тие прашања. Можеме да се обидеме да замислиме што би било да беше ситуацијата обратна. Што би било да не беше вирусот „кинески“, како што Трамп сѐ потврдоглаво го нарекува? Што би било да се случеше во САД, Американците да покажеа извесно неснаоѓање, а потоа брзо да воведеа драконски мерки, да го запреа ширењето на патогенот и да почнеа да му помагаат на остатокот од светот испраќајќи помош, опрема, стручњаци?
Ќе се осмелам да претпоставам дека тоа би се толкувало како доказ на исклучителноста на американската нација, супериорноста на либералниот капитализам и корпоративната организација. И дека американскиот модел на борбата против болеста наскоро би се изучувал на сите факултети во светот.

Срѓа Јанковиќ зборува во свое и во име на најдобрите припадници на својата хумана професија. Но нема таква пандемија во која воените претседатели забораваат дека им се доближуваат избори и во која државите ги ставаат туѓите пред своите национални интереси.

Љиљана Смајловиќ

(Недељник)