Бугарија се соочува со партиско-политички поделби. По два парламентарни избора, сѐ уште не е формирано парламентарно мнозинство за избор на нова влада, а во ваква состојба најголем добитник е претседателот Румен Радев, чија поддршка расте пред најавените претседателски избори

Третиот мандат за формирање нова бугарска влада му беше вратен на претседателот Румен Радев. Го врати претседателката на БСП, Корнелија Нинова. Претседателот Радев ѝ честиташе на Нинова за нејзиниот одговорен пристап кон преговорите за формирање влада во рамките на третиот мандат. Корнелија Нинова изјави дека вложиле напори и одговорност, но не нашле поддршка од Има ли таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се БГ! Доаѓаме. Ова се последните вести од Софија за неможноста на политичките партии да се договорот за формирање нова владина коалиција.
Политичката состојба во Бугарија е сложена. Земјата се соочува со партиско-политички поделби. По два парламентарни избора, сѐ уште не е формирано парламентарно мнозинство за избор на нова влада, а граѓаните на 14 ноември годинава ќе треба да избираат и нов претседател на државата. Со земјата управува привремена влада, која е формирана од актуелниот претседател Румен Радев, кој му беше и главен политички противник на поранешниот премиер Бојко Борисов. Радев отворено ги поддржуваше протестите на опозицијата за смена на владата на ГЕРБ.
Претседателот Радев, кој како кандидат на опозициските социјалисти е избран на претседателските избори во 2017 година, го презеде приматот во водењето на политичките процеси во Бугарија. Овластувањата на претседателот на државата се ограничени, но неговата улога се засилува во случај кога треба да се формира техничка влада и одлучува за распуштање на парламентот. Формирањето на преодната влада, Радев го искористи за поставување нови политички личности, а минатиот период го искористи за обелоденување на корупцијата и злоупотребата на власта на претходната извршна власт на Борисов.
Претседателот Радев е голем добитник од бранот протести и актуелната политичка криза, оценува за „Дојче веле“ Парван Симеонов, директор на институтот за испитување на јавното мислење „Галуп интернационал Балканс“.

По завршувањето на политичката ера на Борисов, тој е најсилна политичка фигура. Тој е на врвот на најпопуларните бугарски политичари, според рејтингот на анкетите. Поради ова е и закажувањето на претседателските избори, на кои Радев се смета за главен фаворит. Внимание предизвикува и моментот на нивното закажување, еден ден откако претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, сосема неочекувано најави дека се откажува од мандатот за формирање влада. Со ова се неизбежни парламентарни избори, трети за оваа година. Однапред се знаеше дека БСП, која е трета најсилна партија во парламентот, не сака да формира влада, а во меѓувреме беше донесен буџетот за да се овозможи редовно функционирање на институциите, пишува ДВ.
Со овој потег, бугарските социјалисти вршат притисок врз претседателот Радев, кој има можност веднаш да го распушти парламентот и така да „заврши“ со преодната влада, која е сѐ попопуларна кај граѓаните. Алтернативата е да се распушти парламентот, но со тоа ќе се отвори можност за одржување истовремени избори за парламент и за претседател. Радев досега се изјаснуваше против овој модел и објасни дека „двојните избори се во спротивност со Уставот и моментално не се на дневен ред“.
Во Софија се во оптек шпекулациите за можно формирање партија од двајца министри од преодната влада, Кирил Петков (економија) и Асен Василев (финансии). Привремениот премиер Стефан Јанев неодамна изјави дека би гласал за таков проект. Но засега новата партија е неизвесна, поради краткиот период за подготовки пред претстојните нови избори.

– Ова првенствено е партиска криза. Бугарскиот партиски систем е ослабен поради масовните протести во 2020 година. Три нови партии влегоа во парламентот. По изборот, тие се изолираа меѓусебно – вели политикологот Данијел Смилов за „Дојче веле“.
Како пример го наведува тврдоглавото однесување на популистичките партии при формирањето на владата, а посебно на Има таков народ на популарниот ТВ-водител Слави Трифонов, кој одбиваше да формира каква било коалиција.
Тековната политичка криза наведува на тоа дека бугарското општество се соочува со „залет на елитата“, смета професорот Георги Лозанов, експерт за медиуми на Универзитетот во Софија.
– Бугарија е на крстосница. Тивко и потајно се случува промената – отстапување од принципот на партија на еден човек. Забележлив е заморот на населението во однос на политичките спасители. Наместо тоа, расте желбата за потрезвена политика – вели Лозанов за „Дојче веле“.