Побарувачката за виртуелната валута во земјите од Балканот е зголемена за неколкупати оваа година. Во овој бизнис се вклучени луѓе од различни категории и образование: економисти, лекари, пензионери, музичари, невработени лица… Која е магичната привлечна моќ на криптовалутите? Има ли овој феномен сличности со златната треска од минатиот век?
Еуфоријата од тргувањето и копањето криптовалути, која завладеа во светот во периодот на пандемијата, ги зафати и граѓаните од Балканот, кои претходно со сомнеж гледаа на оваа нова можност за остварување брза финансиска добивка. Побарувачката за виртуелната валута во земјите од Балканот е зголемена за неколкупати оваа година, а во овој бизнис се вклучени луѓе од различни категории и образование: економисти, лекари, пензионери, музичари, невработени лица… Сите тие се навлечени од можноста за голема заработка, со рударење биткоин, чија моментална вредност надминува и 60.000 долари! Но зголемената побарувачка за криптовалути ја зголемува и потрошувачката на електрична енергија, која е потребна за скапите компјутерски апарати за копање на виртуелните валути. Кражбата на струја е само една од придружните негативни појави што го следат овој „бизнис“. Трговијата со криптовалути сѐ уште е во сивата зона што, според економските аналитичари, ја прави високоризична и несигурна за вложување.
Во соседна Србија биткоини се копаа од музејот на Дража Михајловиќ
Во земјите од регионот има почести случаи на нелегално приклучување на електричната мрежа, што доведува и до намалување на моќноста, а во некои случаи и до испади на системот. Медиумите во Србија пишуваа за откриена невообичаена кражба на струја за копање криптовалути во Општина Ивањица. Опремата била сместена во подрумските простории на една куќа, која служи како музеј на четничкиот војвода Драгољуб Дража Михајловиќ. За неовластеното приклучување на електричната мрежа беа осомничени тројца мажи, кои поставиле опрема за копање криптовалути и така потрошиле 55.000 киловат-часа струја.
Во јуни 2021 година, Србија ја доби својата прва домашна криптовалута, која го доби името лазар. Името Лазар во Србија се врзува за средновековниот владар, кнез Лазар Хребељановиќ, кој ја предводел војската во Косовската битка во 1389 година. Нејзин автор е Владимир Павичевиќ, брокер од Јагодина, кој емитуваше иницијална понуда за купување 7,7 милијарди единици од српската виртуелна валута во вредност од 65.254 евра. Курсот на еден лазар беше одреден на 0,001 динар (0,0000085 евра). Народната банка на Србија во одговор за Радио Слободна Европа наведе дека нема издадено одобрување за ниедна домашна криптовалута.
За да ја регулира трговијата со криптовалути, Министерството за финансии на Србија изработи Закон за дигитален имот, кој стапи во сила на 29 јуни годинава. Освен дефиницијата на односните поими, законот ги регулира и издавањето, трговијата и давањето разни услуги поврзани со дигиталниот имот во Србија. Со овој закон приходите од дигиталниот имот се оданочуваат со данокот за капитална добивка, со даночна стапка од 15 отсто. Капиталната добивка претставува разликата меѓу куповната и продажната цена на виртуелната валута.
И во БиХ тренд на раст на тргувањето со биткоини
Борис Мајсторовиќ, кој води една од криптоменувачниците во Босна и Херцеговина, вели дека се забележува тренд на раст на тргувањето со биткоини, но нагласува дека тоа може да биде и ризична дејност.
– Прометот на платформите достигна 17,5 милиони марки, што е за 693 отсто повеќе во однос на крајот на минатата година. Граѓаните тргуваат со биткоини, но и со други електронски валути етериум, лајткоин, биткоин кеш, тетер и етериум класик. Прометот со биткоинот и етериумот учествува со 60 отсто од вкупниот остварен промет – вели Мајсторовиќ.
Словенија и Хрватска – првите земји во регионот што ја регулирале оваа област
Со криптовалути се тргува и во Словенија и во Хрватска, кои се меѓу првите земји во регионот што ја регулирале оваа област. Сепак, Словенија сѐ уште не донела закони со кои се оданочуваат поединците што остваруваат капитална добивка од тргување со биткоин и други криптовалути.
Во првите пет месеци годинава прометот на загрепската берза и во криптоменувачниците бил изедначен. Според податоците на Агенцијата за надзор на финансиските услуги, прометот изнесувал 900 милиони куни, а се очекува во наредниот период криптоменувачниците да го надминат обртот на берзата за две милијарди куни, пишува „Дневник.хр“.
За да се поедностави прометот со криптовалути, во Хрватска се отвораат т.н. менувачници со приватни финансиски групации во 25 хрватски града. Освен трговијата со 31 светска валута, во нив е можно да се тргува со 15 вида криптовалути, кои можат да се купат и продадат за готовина. По воведувањето услуги за откуп на криптовалути во одделни поштенски единици пред две години, Хрватска пошта минатиот месец ги прошири услугите и за продажба на криптовалутите, во сите жупании во земјата. Во поштенските единици може да се тргува со 11 криптовалути. На корисниците на располагање им е и Криптоцентарот, посебна интернет-страница за информирање за сите информации поврзани со тргувањето на виртуелните валути (курсна листа, висината на остварен промет, интерактивна карта со адреси за критоменувачници). Исто така, можат да се купат и криптомарки, а почетната серија од 3.000 примероци е целосно распродадена.
Анте Жигман, шефот на регулаторното тело за хрватскиот пазар на капитал ХАНФ, изјави дека прометот во критоменувачниците во првите пет месеци годинава е поголем од вкупниот износ за последните 24 месеци.
Во Хрватска лани беше основан првиот инвестициски фонд во биткоини. Државната финансиска агенција воведе регистер на менувачници, со цел да го спречи перењето пари, но потребно е дополнување на законската регулатива за поголема контрола на прометот со криптовалути, објави „Јутарњи лист“.