По карантин, на грчките ниви
На грчките земјоделци во мај им се потребни 50.000 сезонски работници за берба на зеленчук и на овошје. За обезбедување дополнителна работна сила, Грција и Албанија се договориле дека ќе работат на отворањето на границите за албанските сезонски работници во грчкиот земјоделски сектор до средината на наредниот месец.
Оваа можност ја објави албанскиот премиер Еди Рама, кој разговарал со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за заедничка борба против коронавирусот и заживување на економијата, што е во интерес на двете земји, пренесе „Хина“.
На земјоделскиот сектор во Грција годишно му се потребни околу педесет илјади сезонски работници, кои во минатите години претежно доаѓаа од Албанија, Романија и од Бугарија. Во насока на работна сила, Тирана веќе се подготвува за значително ублажување на своите рестриктивни мерки за ограничено движење на луѓето.
Грчките медиуми пишуваат дека националното министерство за земјоделство е загрижено поради затворените граници, што ќе се одрази на недостиг од земјоделски работници и пропаѓање на годинашниот род. Официјална Атина сака да ги олесни прегуграничните движења на луѓето, со преземање превентивни мерки, како што е тестирање и задолжителен карантин од неколку дена пред да можат албанските сезонски работници да стигнат на грчките ниви.