Од среда, 29 април, микро, малите и средни компании погодени од кризата можат да аплицираат за Ковид 2 линијата бескаматни кредити, извести министерката за финансии Нина Ангеловска. На располагање на компаниите има вкупен износ од осум милиони евра, а за бескаматен кредит ќе може да аплицираат компании од сите дејности.

– Ова ќе биде значајна инјекција и помош особено за малите и микро компани. Линијата Ковид 2 нуди поголема вкупна сума за бескаматни кредити од линијата Ковид 1 но и поголем износ на поединечни кредити и она што е важно и треба да се појасни е дека ги опфаќа сите дејности погодени од кризата и има олеснети услови и олеснет начин за аплицирање. Средствата за овие кредити се обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија. Нашите земји традиционално имаат добри односи досега. И досега сме имале голема поддршка од Јапонија во повеќе сфери. Токму овие средства ја најдоа својата најдобра намена – рече министерката Ангеловска.

Бескаматните кредити кои од 29 април ќе им станат достапни на фирмите се наменети за зачувување на работните места и за заштита на ликвидноста на малите, микро и средни компании погодени од кризата.

Тие се дел од вториот сет на антикризни мерки објавен од Владата со цел да се поддржат фирмите и граѓаните.

Првата линија беше во износ од 5,7 милиони евра и беше исклучиво наменета за најпогодените три сектори односно туризам, транспорт и угостителство.

– Досега за првата линија, Ковид 1, односно за линијата во износ од 5,7 милиони евра имаше исклучително голем интерес. Досега се одобрени апликации на 254 компании во износ од 2,2 милиони евра во кои работат околу 3.000 вработени лица. Интересот за бескаматни кредити е многу поголем така што Ковид 2 доаѓа во вистинско време – рече министерката Ангеловска.

Таа нагласи дека за разлика од првата кредитна линија оваа е наменета за сите дејности. Максималниот износ на кредитот во оваа линија изнесува 90 илјади евра, кој е трипати повисок во однос на првата кредитна линија. Минималниот износ на кредитот е 3.000 евра.

– Како ќе се одредува износот на кредитот кој што ќе може да го користи компанијата односно како ќе биде направена пресметката за колку компанијата ќе може да земе кредит во овој ранг од 3-90 илјади евра? Сумата ќе се одредува според бројот на вработени кој што компанијата го имала заклучно со 31 јануари така што минималната плата ќе се помножи со бројот на вработени и со три месеци. Ова е тргнато од логиката дека на компаниите ќе им биде потребно заштита на работните места и ликвидноста за некој период од три месеци и ако земеме на пример компанија со десет вработени би земале бројот од десет вработени по 14.500 денари по три месеци и би го добиле износот кој што ќе може да и биде ставен на располагање на компанијата односно во овој случај би изнесувал 435.000 денари – појасни министерката Англеовска.

Каматната стапка е нула, согласно името на кредитната линија, а трошоците за аплицирање кон развојната банка, исто така, нема да се плаќаат. Рокот а отплата е до три години со вклучен грејс период до 12 месеци, додека обезбедувањето е со меница, како и во првата кредитна линија.

За оваа линија може да аплицираат сите дејности, сите мали, микро и средни компании кои што имаат намалување на приходот од 30 проценти во последниот поминат месец.

– На пример ако во месец март споредено со истиот месец минатата година имаат намалување од 30 проценти или споредено со просекот од 2019 година. Компаниите треба да се регистрирани повеќе од половина година, да немаат неплатени даноци и придонеси до 31 јануари 2020 година, да не се во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓаат во категорија исклучително ризични кредитобаратели – рече министерката Ангеловска, објаснувајќи дека целата постапка ќе се одвива електронски.

Со Ковид 1 и 2 на фирмите зборно им се ставаат на располагање 13,7 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, а исто така и преку комерцијалните банки ќе се стават на располагање дополнителни 50 милиони евра под исклучително поволни услови. Министерката Ангеловска вели дека очекувањата се каматните стапки да се движат околу 1,5 отсто.

Мерките кои Владата досега ги донесе за поддршка на стопанството и на граѓаните може да се поделат во неколку столбови. Се работи за даночни ослободувања како што беше ослободувањето од аконтации од данок на добивка и данок на личен доход, потоа 50 проценти субвенционирање на придонесите кои спаѓаат во оваа прва група даночни олеснувања, мерки за директна финансиска поддршка и помош на компаниите како што е мерката за исплата на платите и во оваа група за поддршка на ликвидноста спаѓаат и овие бескаматни кредити, односно Ковид 1 и Ковид 2. Понатаму има меки мерки кои се во насока на регулаторни промени, олеснувања да се помогне на граѓаните и стопанството да го премостат полесно овој период.

– Ќе бидеме тука, ќе следиме и многу наскоро кога ќе дојде периодот на опоравување.Тогаш ќе бидат потребни нови мерки и одлуки за поддршка на стопанството и граѓаните – најави министерката Ангеловска.