Атина – Студен бран ја зафати Грција, носејќи многу снег и силни ветрови, а најмногу проблеми предизвика во северните и во централните делови на земјата. Снегот накратко го прекри и атински Акропол, но не се задржал долго бидејќи температурите се движат околу нулата. Температурите на северот на Грција паднале во текот на ноќта на минус 15 Целзиусови степени и поради силниот ветер се откажани повеќето поморски линии со островите, соопшти крајбрежната стража. (ЕРТ)
Подгорица – Министерството за здравство, по предлог на Институтот за јавно здравје на Црна Гора, издаде наредба со која се забранува локалното население да ја напушта територијата на Општина Будва и Општина Тиват. Оваа забрана се донесува поради зголемениот број на лица заразени од коронавирусот. (РТЦГ)
Љубљана – Парламентот на Словенија вчера требаше да се изјасни за иницијативата на опозицијата за гласање (не)доверба на владата на премиерот Јанез Јанша. Опозицијата ја обвинува Владата дека не ги почитува основните принципи на Уставот на земјата, вклучувајќи ги и поделбата на власта и слободата на печатот, како и за загрозување на остварувањето на човековите слободи и владеењето на правото во земјата. Според локалните медиуми, опозицијата, најверојатно, нема да го собере потребното мнозинство за отповикување на владата на Јанша, но гласањето ќе ја покаже вистинската моќ на политичките табори во парламентот и ќе ги амортизира конфликтите на политичката сцена, кои траат со недели. („Индекс“)
Бисер балкански
Правда наместо одмазда
– Патот што е пред нас е долг, ќе имаме пречки и ќе правиме некои грешки, но имаме благородна цел. Нема да му се одмаздуваме никому, но ќе бараме правда. Секој од нас мора да ја преземе одговорноста што ни припаѓа за да ја направиме својата земја можна за живот – рече Албин Курти, лидерот на партијата Самоопределување, која оствари голема победа на вонредните избори на Косово.