Освен поединечни финансиски пакети за домашните компании, недостига секторска анализа за тоа што може да понуди Западен Балкан како единствен економски простор, како и заедничко пазарно поврзување, што е предуслов за побрзо излегување од глобалната рецесија
Државите од Западен Балкан најавија индивидуални финансиски програми за помош на сопствените економии. Финансиските средства што секоја земја поединечно ги одобри за домашните компании и за граѓаните надминува неколку милијарди евра, но како да отсуствува поширок економски поглед заради побрзо излегување на регионот од глобалната економска криза. Иако тие се географски и структурно поврзани, недостига една заедничка и добро осмислена стратегија за поголемо економско и регионално поврзување, што беше видливо во време на самиот ек на епидемијата, но сосема е извесно дека тоа ќе продолжи и по завршувањето на вонредната состојба.
Меѓународниот монетарен фонд проценува дека поединечните економии во балканскиот регион ќе забележат пад од речиси десет отсто од БДП, поради последиците од болеста ковид-19.
Српската економија годинава би забележала пад од три отсто, Хрватска и Црна Гора би оствариле намалување од девет отсто. Косово би било во минус од пет отсто, исто како и Албанија, додека за Македонија се предвидува намалување на БДП за четири отсто. За следната 2021 година предвидувањата се пооптимистички, а за целиот регион растот ќе се движи од пет до осум отсто. Најголем економски раст се предвидува за Србија односно 7,6 отсто, за Албанија осум, за Косово 7,5, за Македонија седум, за Црна Гора 6,5 и најмал економски раст од 4,9 отсто би имала Хрватска.
– Реализацијата на иницијативата за јакнење на шесте економии на балканскиот простор би создала услови за подобар живот на граѓаните. Соработката е неопходна и верувам дека сите сфаќаат дека индивидуалниот пристап никаде не нѐ води. Регионалната соработка би можела да биде спас за економијата на Западен Балкан – вели Маљинда Брегу од невладината организација Регионален совет за соработка со седиште во Сараево, во изјава за Радио Слободна Европа.
Првиот резултат од соработката на земјите од поранешна Југославија, во услови на поширока изолација поради коронавирусот, се т.н. „зелени коридори“ и воспоставувањето на меѓународната транспортна линија за транспорт на прехранбени производи и друг медицински материјал, што беше отворена од 13 март годинава. Со договорот на државите-членки на ЦЕФТА, во кој се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Молдавија и Косово, беше одобрена листа на храна, лекови и медицинска опрема, кои со забрзана процедура ги поминуваа балканските граници.
– Се покажа дека државите од Западен Балкан и по пандемијата, освен основното функционирање на линијата за снабдување со храна, би можеле да најдат и заеднички точки за заздравување на економиите што се и меѓузависни – вели Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Србија.
Во регионот, од 350 илјади претпријатија дури 99,7 отсто се во категоријата мали и средни претпријатија, како што се угостителски објекти и индивидуални производители, кои први ќе ги почувствуваат директните последици на корона-кризата. Познато е дека туристичкиот сектор, кој учествува со 10 отсто од БДП на регионот, е најизложен на економската криза, а токму меѓусебната соработка може да ја заживее оваа стопанска гранка. Токму и Хрватска се обидува да воспостави „здравствени“ коридори со соседна Словенија и со Австрија за да може нивните граѓани да престојуваат во текот на годинашната летна сезона.
– По крајот на епидемијата најзагрозени ќе бидат најслабите земји. Важно е да се усогласат заедничките активности за економско заздравување, но и да се воспостави регионална рамка за да се воспостави функционален и единствен пазар на Западен Балкан, по примерот на Европската Унија – вели Маљинда Брегу.
Во октомври 2019 година Србија, Албанија и Македонија потпишаа заедничка Декларација за воспоставување слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал со намера за унапредување на регионалната соработка, зголемување на економскиот раст и привлекување инвестиции. Оваа иницијатива, која е позната како малиот шенген, по ширењето на епидемијата беше запоставена од самите промотори на идејата, односно од српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев. Неизвесно е колку оваа иницијатива ќе се врати со целиот „ентузијазам“ со која беше најавувана на почетокот. Но како што вели Ненад Ѓурѓевиќ, иако постои поголемо интересирање кај бизнисмените за посилно поврзување, од политиките на државите зависи во кој правец ќе се одвиваат во иднина работите во регионот.
– Недостига секторска анализа за тоа што може да понуди Западен Балкан како единствен економски простор. Дали се тоа земјоделството, енергетиката или нешто трето. Секоја држава има своја предност и добро е да се знае заедничкиот именител. Засега, поизвесна е соработката во производството на храна и стандардизација на медицинските лаборатории и процедури за квалитет на лековите – нагласува Ѓурѓевиќ.
Европската комисија подготвува инвестициски пакет во вредност од 3,3 милијарди евра наменет за побрзо надминување на последиците од епидемијата за земјите од Западен Балкан.
Содржината на овој финансиски пакет за Балканот ќе биде промовирана наесен, но како што беше неодамна посочено од високите европски претставници, помошта ќе биде поврзана со „опиплив напредок во владеењето на правото и во социоекономските реформи, како и во придружувањето на партнерите од ЗБ кон вредностите, правилата и стандардите на ЕУ“.