Делегација на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент побара кризата во Албанија да се реши со дијалог меѓу Владата и опозицијата
Поради длабоката политичка криза во која се наоѓа Албанија, вчера во Тирана допатува седумчлена делегација на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Пред заминувањето за Тирана, шефот на делегацијата, европратеникот Туне Келам, побара од Владата и од опозицијата да ја решат оваа криза преку конструктивен дијалог.
– Силно ја осудуваме политичката реторика, која поттикнува насилство и бараме опозицијата повторно да се вклучи во парламентарниот живот. Владата и опозицијата мора да ја надминат оваа ситуација преку конструктивен дијалог – изјави Келам.
Се очекува делегацијата да се сретне со албанскиот претседател Илир Мета, премиерот Еди Рама и со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
Доаѓањето на делегацијата на ЕП го коментираше амбасадорот на Мисијата на Европската Унија во Албанија, Луиџи Сореца, според кого, посетата е потврда дека парламентот е место за дискусија.
Завчерашниот протестот на албанската опозиција пред парламентот ескалира со обид за насилно влегување во законодавниот дом каде што парламентарното мнозинство одржуваше седница. Демонстрантите фрлаа тврди предмет врз полицијата, палеа гуми, а полицијата одговори со употреба на солзавец.
Првите инциденти беа забележани уште на самиот почеток на протестот, кога им беше попречуван влезот на пратениците во зградата на парламентот, а беше нападнат и министерот за туризам Бенди Кљоси.
На завчерашната седница пратениците од владејачкото мнозинство им ги прифатија оставките на 57-те пратеници од опозицијата. За денеска опозицијата закажа нов протест во Тирана.