Грчките медиуми објавија снимки од земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди регионот Тесалија во централниот дел на Грција.
Се забележува нишање на лустери во одреден стан, како и голем број на луѓе кои излегле надвор од нивните домови по потресот.
Според специјализираните сајтови за следење земјотреси, епицентарот на земјотресот бил 15 километри од Еласона, град во округот Лариса, на длабочина од десет километри. Засега нема информации за евентуални жртви и штети.
Според Геодинамичкиот институт следувале силни последователни потреси неколку минути по првиот земјотрес и тоа со магнитуди од 4,7 степени, 4,2 и 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Тамошните медиуми пренесуваат дека на некои места имало лизгање на земјиштето во областа Кастраки, како и на националниот пат од Лариса до Еласона.