Новоизбраниот претседател на Албанија, Бајрам Бегај на 24 јули и официјално ќе ја преземе функцијата, кога ќе даде свечена заклетва на посебна седница на Парламентот, јави дописничката на МИА од Тирана.
За денот на одржување на седницата се договорија координаторите на пратеничките групи.
По пленарната седница, Бегај ќе замине во претседателската резиденција каде се очекува да се одржи државната церемонија за официјалното примопредавање на функцијата меѓу Бегај и Илир Мета, кој беше шеф на државата во изминатите пет години.
Бегај, предлог на владејачките социјалисти, беше избран на 4. минатиот месец во четвртиот круг од гласањето (во трите немаше кандидати) со 78 гласови „за“, што подразбира дека гласаа и опозициски пратеници, четворица пратеници гласаа против, додека еден беше воздржан, од вкупно 140 пратеници колку што брои Парламентот.
Пред да биде избран тој ја вршеше функцијата началник на Генералштабот на вооружените сили, со чин генерал.