Етиопското Министерство за надворешни работи ја повика Светската здравствена организација (СЗО) да го испита нејзиниот генерален директор Тедрос Аданом Гебрејесус за наводна поддршка за бунтовничките сили кои се борат против етиопската влада.
Гебрејесус, кој е поранешен министер за здравство и министер за надворешни работи на Етиопија, претходно неделава рече дека е блокирано пристигнувањето на помош во неговиот роден регион Тиграј, каде што бунтовничките сили се борат против централната власт.
Моралната, правната и професионалната положба на Гебрејесус го загрози организацискиот статус на СЗО, се вели во соопштението на Етиопија.
– Тој шири штетни дезинформации и ги загрози угледот, независноста и кредибилитетот на СЗО, што се гледа од неговите објави на социјалните мрежи – се вели во соопштението.
СЗО соопшти дека се запознаена со дипломатската вербална нота, додавајќи дека ќе продолжи да бара од владата на Етиопија да овозможи испорака на хуманитарна помош и услуги до седум милиони луѓе во Тиграј.
СЗО и нејзините партнери постојано повикуваат на итен и непречен пристап за испорака на хуманитарни здравствени материјали и услуги за жителите на Тиграј, изјави Светската здравствена организација за „Ројтерс“.