Соединетите Американски Држави
Американскиот федерален суд замрзна многу од високите царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе врз странски земји, пресудувајќи дека тој ги пречекорил своите овластувања. Пресудата, донесена од страна на Советот од судии на Американскиот суд за меѓународна трговија, ги запре сеопфатните тарифи од 10 проценти што Трамп им ги воведе „речиси на сите американски трговски партнери“, а повеќе тарифи им се заканија на десетици земји. Судечкиот совет го сочинуваа тројцата судии, кои беа номинирани за судии од поранешниот претседател Роналд Реган, поранешниот претседател Барак Обама и од Доналд Трамп, во неговиот прв мандат.
Американски федерален суд за меѓународна трговија, исто така, блокираше посебен сет тарифи наметнати врз Кина, Мексико и Канада од страна на администрацијата на Трамп, која ги наведе трговијата со дрога и нелегалната имиграција како оправдување за зголемувањето на царинските тарифи.
За потсетување, администрацијата на Трамп ја правдаше основата за воведувањето на царините повикувајќи се на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби од 1977 година, или ИЕЕПА, кој му дава на претседателот овластување да го регулира увозот за време на одредени вонредни состојби.
Сепак, американскиот федерален суд го отфрли таквото толкување на законот и рече дека би било неуставно кој било закон донесен од Конгресот да му даде на претседателот целокупно овластување да одредува тарифи. Судот објави дека царините за Кина, Канада и за Мексико не се легални бидејќи „не ги решаваат заканите идентификувани во тие наредби“.
Администрацијата на претседателот на САД ќе поднесе жалба на
првостепената пресуда
Администрацијата на Трамп во судски поднесок, кој следуваше веднаш по првостепената пресуда, најави дека ќе поднесе жалба против пресудата до Федералниот апелационен суд.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, реагираше со официјална вербална изјава за јавноста во врска со пресудата, бранејќи го образложението за царините. Тој истакна дека трговскиот дефицит на САД со други земји „создал национална вонредна состојба што ги десеткувала американските заедници“. Тој тврди дека царините се неопходни за да се поттикне производството во САД и да се стави крај на она што тој го смета за неправедни трговски практики.
При воведувањето на царините на почетокот на април, Трамп го нарече трговскиот дефицит „национална вонредна состојба“, што ги оправда царинските тарифи од 10 проценти за целиот увоз, со повисоки стапки за земјите со кои САД имаат најголем трговски дефицит, особено Кина. Многу од тие тарифи беа суспендирани една недела подоцна. Трамп рече дека е незадоволен од брзината на трговските преговори со ЕУ и се закани дека ќе воведе царини од 50 проценти за сите стоки од ЕУ од 1 јуни, но потоа се согласи да го продолжи рокот за трговски преговори до 9 јули. Р.С.
Дали милијардерот Маск ќе ја напушти администрацијата на Трамп?
Милијардерот Илон Маск соопшти дека ја напушта својата позиција во американската влада, од позиција на раководител на таканаречениот Оддел за владина ефикасност. Маск се обиде и донекаде успеа да направи рапиден рез во насока на намалување на федералните трошоци и превработеноста на администрацијата.
– Како што моето време како специјален владин службеник се ближи кон крајот, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп за можноста да го намалам расипничкото трошење – напиша тој на Икс.
Мандатот на Маск од 130 дена како специјален владин службеник изминува денеска, на 30 мај.
– Мисијата на ДОГЕ само ќе се зајакне со текот на времето, откако ќе стане начин на работа за владата – напиша Маск.
Службеник на Белата куќа ја потврди информацијата за заминувањето на Маск и рече дека „неговото повлекување ќе почне денеска“. Од Владата на САД изјавија дека напорите на ДОГЕ за реструктурирање и намалување на владините трошоци ќе продолжат.