Кошаркарската ѕвезда на ВНБА, Бритни Грајнер, рускиот суд ја осуди на девет години затвор и парична казна од еден милион рубли (околу 16.400 долари), рече при изрекувањето на пресудата судијката Ана Сотникова во судот во градот Химки.
Судот рече дека ги зел предвид нејзиното делумно признавање вина, каењето за делото, здравствената состојба, како и добротворните активности.
Грајнер беше прогласена за виновна за шверц на дрога, кривично дело за кое судијката рече дека го извршила намерно.
Грајнер беше уапсена со помалку од еден грам масло од канабис во нејзиниот багаж на меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во Москва на 17 февруари.
Таа рече дека не ги прекршила руските закони намерно, затоа што по грешка ги спакувала патроните кога дошла од САД.
Нејзините адвокати тврдеа дека ако Грајнер некогаш користела медицинска марихуана, тоа било само дома во Аризона, каде што е легално, многу ретко, во кратки периоди помеѓу натпреварите и на одмор, само со рецепт од лекар за нејзините силни болки од спортски повреди.
Двократната олимписка златна медалистка се извини во својата ненамерна грешка и побара од судот попустливост објаснувајќи дека немала намера да прекрши какви било руски закони.
Руското обвинителство бараше девет и пол години затвор затоа што намерно се обидела да прошверцува нелегална супстанција во Русија.
Бајден денеска изјави дека пресудата е неприфатлива и ја повика Москва веднаш да ја ослободи.
-Денеска, американската државјанка Бритни Грајнер беше осудена на затвор, што е уште еден потсетник на она што светот веќе го знаеше: Русија погрешно ја затвора Бритни – нагласи Бајден во изјавата.
Тој додаде дека тоа е неприфатливо и ја повика Русија веднаш да ја ослободи Грајнер, „за да може да биде со партнерот, саканите, пријателите и соиграчите“.