Сицилијанскиот мафијаш Џовани Бруска (64), кој активираше бомба во 1992 година и го уби судијата Џовани Фалконе, е ослободен од затвор по 25 години робија, предизвикувајќи тага и гнев кај роднините на луѓето што ги уби.

Бруска беше уапсен во 1996 година, четири години по нападот врз Фалконе, неговата сопруга и тројца полицајци.

Откако и се предаде на државата, тој му помогна на обвинителството да ги разбие клановите Коза ностра, пренесува „Ројтерс“.

Во времето кога беше убиен Фалконе, Италија го минуваше најлошиот период кога станува збор за борба против мафијата.

Бруска ја призна својата улога во повеќе од 100 убиства, вклучувајќи го и убиството на 14-годишниот Џузепе ди Матео, кој беше убиен бидејќи бил син на доушник од мафијата.

Марија Фалконе, сестра на убиениот судија, рече дека е тажна поради оваа вест.

– Без оглед на тоа што некој ќе помисли за злосторствата што ги сторил, тој соработуваше со властите. Да не заборавиме дека тој ни даде информации за експлозиите на Сицилија и на Апенините – изјави за „Ројтерс“ главниот обвинител против мафијата, Фредерико Кафеиро де Рахо.

Неколку италијански политичари го осудија ослободувањето на Бруска.

– Ова не е правдата што ја заслужуваат Италијанците – рече Матео Салвини, водачот на партијата „Лига“.