Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека постхумно ќе ја помилува Сузан Б. Ентони, активистка што се борела за правото на глас на жените во 19 век.
– Таа никогаш не беше помилувана. Зошто им требаше толку време – напиша Трамп на Твитер по повод стогодишнината од усвојувањето на 19 амандман од Уставот на САД, со кој жените добија право на глас.
Ентони е уапсена во 1872 година затоа што гласала нелегално. Подоцна е осудена на парична казна пред судот во Њујорк, додека во поротата седеле само мажи. Ентони починала 14 години пред да биде усвоен амандманот со кој жените добија право на глас.
Трамп, во друштво на сопругата Меланија, на церемонија во Белата куќа потпиша изјава со која одбележа еден век од усвојување на амандманот.
– Мислам дека жените доминираат во Америка, тоа можеме да го кажме со сигурност – рекол Трамп, додавајќи дека во Конгресот има рекорден број политичарки.
Оваа изјава доаѓа во миг кога Трамп се обидува да ги придобие жените-гласачи од приградските подрачја, чија доверба ја изгуби од 2016 година.
Најавеното помилување, исто така, покрена контроверзни прашања во јавноста.
Неколку часа после соопштението, заменичката-гувернерка на Њујорк, Кејти Хокул реагираше на Твитер.
– Како наследничка на Сузан Б. Ентони, се залагам Трамп да ја поништи одлуката за помилување. Таа беше горда затоа што нејзиното апсење предизвика внимание во борбата за правата на жените и никогаш не плати казна. Оставете ја да почива на мир – напиша таа.
Која била Сузан Б. Ентони?
Во судскиот процес, кој доби голем публицитет, Ентони е осудена затоа што гласала во време кога жените немале такво право. Судијата во нејзиниот роден град Росчестер ѝ изрекол казна од 100 долари. Во говорот во судницата таа ја критикувала владата затоа што не дозволува жените да гласаат и изјавила дека нема да ја плати казната. Нејзиното апсење крена големо внимание кај движењата за правата на жените, а ѝ помогна и да стане позната на национално ниво. Таа држела говори низ целата земја и организирала женски собири. Жените со години ѝ одаваат чест на нејзиниот гроб во Рочестер на денот на претседателските избори во ноември.
Сепак, нејзината борба беше предмет на дебати последниве години зашто некои критичари сметаат дека Ентони ги запоставила Афроамериканките во својата борба за право на глас на жените. Нејзиниот став за абортусот и денес е предмет на расправа. Една лобистичка група што се залага против абортусот го носи нејзиното име.
Кого досега помилува Трамп?
Ова ќе биде 26 помилување на Трамп за време на неговиот мандат. Тој претходно потпиша намалување на затворската казна од 40 месеци на својот поранешен соработник Роџер Стоун, кој минатата година беше прогласен за виновен затоа што го лажел Конгресот и влијаел врз изјава на сведок.
Во февруари му ја намали казната на Род Благојевиќ, поранешен гувернер на Илиноис, кој е осуден поради мито и корупција.