Администрацијата на Трамп денеска воведе нови строги ограничувања за патувањата на американските државјани на Куба, вклучувајќи ги и крузерите, со цел да ја присили комунистичката држава да престане да го поддржува венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Засилувањето на американското ембарго дополнително ќе и наштети на и онака слабата кубанска економија, но ќе ги погоди и американските туристички агенции кои почнале да соработуваат со Куба во време на затоплените односи за време на мандатот на претседателот Барак Обама.

Стејт Департмент соопшти дека се укинуваат групните едукациски патувања, а САД повеќе нема да дозволи посета на Куба со патнички и рекреациски пловила, како крузери и јахти, стои во соопштението.

Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез на „Твитер“ оцени дека се работи за напад на меѓународното право и дека ембаргото е главна препрека за развојот на Куба, а со него се кршат човековите права.

По Канаѓаните, Американците се најбројни странски гости на Куба и повеќето доаѓаат со крузери.