Талибанците доцна синоќа го подигнаа знамето во претседателската палата во Кабул, објави телевизијата Ал Џезира.

Катарската телевизија претходно емитуваше снимки на кои се гледа како талибански команданти и војници слават победа во коридорите на резиденцијата и канцеларијата на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој ја напушти земјата.

Талибанците соопштија дека ја презеле одговорноста за безбедноста на претседателската палата, пренесува ТАСС.

Талибанците ја презедоа и контролата врз главното седиште на државната телевизија, од каде што во живо им се обратија на граѓаните. Нивните единици почнаа да пристигнуваат во Кабул од други делови на Авганистан.

Извор од агенцијата ТАСС во главниот град на Авганистан рече дека повремено се слушале истрели на улиците и дека се користело тешко оружје.

Според него, се слушаат и експлозии, но информациите за настаните во градот се оскудни бидејќи се препорачува куќите да не се напуштаат.

Изворот додаде дека воените транспортни авиони, најверојатно американски, полетуваат од аеродромот во Кабул приближно на секои 50 минути.

Талибанците денеска објавија дека ја контролираат целата територија на Авганистан.


Претседателот на Авганистан ја напушти земјата

Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани избегал од земјата откако Кабул падна во рацете на Талибанците.

Вчера светските медиуми објавија различни информации за местото каде што се движел авионот со Гани, а се споменувале Таџикистан, Узбекистан и Оман.

Според некои светски медиуми, повикувајќи се на објавата на авганистанската амбасада во Ташкент, главниот град на Узбекистан, дека амбасадата нема информации за претседателот на Авганистан, Ашраф Гани.

Кога и Кабул падна во рацете на Талибанците, кои практично за кратко време ја урнаа авганистанската армија со молскавична офанзива, вчера преку социјалните мрежи Гани објави соопштение дека го напуштил Авганистан за да спречи крвопролевање.

Исто така, рано утрово се огласи Казахстан. Министерот за надворешни работи таму рече дека, според неговите информации, Гани не е на територијата на Казахстан.


Хаос на аеродромот во Кабул: Авганистанците очајнички бегаат од талибанците

Американските сили на аеродромот во Кабул беа принудени да пукаат во воздух кога толпа луѓе излегоа на пистата, со цел да ги спречат да се качат на воени авиони, потврди американски претставник за „Ројтерс“.

Официјалниот претставник рекол дека воените летови од Кабул биле наменети само за дипломати и вработени во локалната амбасада.

Телевизијата Ал Џезира објави дека има хаос на аеродромот во Кабул, дека хеликоптерите ги носат вработените во амбасадите и дека аеродромот е полн со граѓани кои очајно сакаат да се качат на летовите за да избегаат од талибанците, кои вчера влегоа во Кабул.