Дистописката јужнокорејска серија „Сквид гејм“ стана глобална сензација откако минатиот месец беше премиерно прикажана на „Нетфликс“, а го привлече и вниманието на американскиот Стејт департмент, кој во интерна дипломатска комуникација ја опишува како „олицетворение на фрустрациите во корејското општество, во поглед на лошите економски услови во пресрет на изборите в година“, тврди „Форин полиси“. Стејт департментот не даде коментар за наводите на американскиот политички магазин.

Во серијата, главните ликови се натпреваруваат едни против други во смртоносни варијанти на игри кои ги играле во детството. Насилната драма беше опишана како одраз на јужнокорејското општество и неговото мрачно економско секојдневие во пресрет на идните претседателски избори.

– Во средиштето на мрачната приказна на „Сквид гејм“ се прикажани фрустрациите на просечниот Кореец, особено на младите во земјата, кои со мака доаѓаат до добри работни места, до стапување во брак и до просперитет, докажувајќи дека мрачните економски перспективи се навистина во центарот на проблемите во јужнокорејското општество – наведува „Форин полиси“, повикувајќи се на дипломатска телеграма од Стејт департментот во која имаше увид.

Во документот се наведува и дека Јужна Кореја од 2003 година постојано ја има највисоката стапка на самоубиства, а минатата година самоубиството стана водечка причина за смртност за Јужнокорејците на возраст од 19 до 29 години, бидејќи младите луѓе сѐ повеќе се песимисти во поглед на нивните можности за подобар живот. Иако претседателските кандидати на двете партии водат кампањи за создавање фер и праведно општество, нивните стратегии само придонесуваат за зголемување на веќе растечкиот политички цинизам кај младината.


Стејт департментот тврди дека серијата е речиси идентичен приказ на животот и на политичката состојба во Јужна Кореја, каде што двете главни партии се најдоа во скандали во пресрет на изборната трка в година, во која победникот ќе го замени претседателот Мун Џе-ин.

Двете политички партии во претседателската трка се соочуваат со обвиненија за корупција. Ли Џе-мјунг, наследникот на Мун во Демократската партија, е осомничен дека давал повластен третман на фирма за недвижности, додека опозицискиот кандидат Јун Сеок-јул беше обвинет од семејството за финансиски злоупотреби.

Иако платформата Нетфликс не е достапна во Северна Кореја, државна веб-страница ја искористи „Сквид гејм“ за да ја критикува „суровата ѕверска реалност“ на капиталистичкиот систем во Јужна Кореја, во која „луѓето се вовлечени во екстремна конкуренција и притоа нивната човечност е тотално збришана“.