Новоназначената американска државна потсекретарка за контрола на оружјето и меѓународната безбедност, Бони Џенкинс, е посветена на ограничувањето на нуклеарното ширење на Русија и на Кина, се вели нејзината изјава на Твитер.
– Едвај чекам да се фатам за работа. Наскоро ќе слушнете повеќе од мене за контролата на оружјето и за стратешката стабилност. Посветена сум на тоа да го намалам ризикот од нуклеарна војна со ефикасна контрола на оружјето, да ја ограничам нуклеарната експанзија на Русија и Кина, да ја зајакнам биобезбедноста и да барам одговорност за употребата на хемиско оружје – се вели во соопштението.
Според неа, САД мора да ги зајакнат евроатлантските и индопацифичките сојузи за подобро одвраќање и одбрана од растечките закани.
– Ние исто така мора да развиеме и зајакнеме норми на одговорно однесување во вселената и да се бориме со новите технологии што ја загрозуваат стратешката стабилност – додаде Џенкинс.
Женева на 28 јули ќе биде домаќин на новата рунда руско-американски консултации за стратешката стабилност. Делегацијата на Русија ќе биде предводена од заменик -министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, а американската од заменик-државниот секретар Венди Шерман. Во американската делегација ќе биде и Џенкинс.
Рјабков претходно изјави за ТАСС дека Русија планира темелно да разговара за сите аспекти на прашањата за стратешката стабилност, да ги процени потенцијалните ризици и предизвици, како и да развие рамка за идните заеднички активности на терен.