Кевин Стрикленд од американската сојузна држава Мисури поминал 43 години во затвор за злосторство во кое тврди дека не бил вмешан. Судијата Џејмс Велш вчера донесе одлука да ја укине пресудата на 62-годишниот Стрикленд, пренесува „Си-ен-ен“.
Стрикленд одлежал 43 години во затвор за едно убиство од прв степен и за две убиства од втор степен. Тој добил доживотна казна без можност за условно ослободување во траење од 50 години.
– Сѐ уште сум во неверување. Никогаш не помислив дека овој ден некогаш ќе дојде. Благодарен сум на моите адвокати и на сите оние кои решија да ме слушаат изминативе години – изјави Стрикленд откако беше ослободен.
Сите кривични обвиненија против него беа отфрлени, а според Националниот регистар на ослободувања, неговата затворска казна е случај за најдолго одлежан затвор за погрешно осудено лице во историјата на Мисури.
Четири лица беа застрелани за време на провала во дом во Канзас Сити на 25 април 1978 година. Три лица во пукањето им подлегнале на повредите. Синтија Даглас била единствената преживеана, која се спасила преправајќи се дека е мртва. На сведочењето, таа тврдела дека Стрикленд бил на местото на тројното убиство.
Кога Даглас ги идентификувала напаѓачите не го посочила Стрикленд, кого го познавала од порано, но ден подоцна сведочела дека тој е третиот напаѓач, откако било наведено дека неговата коса се совпаѓа со описот од третиот напаѓач. Но, во текот на изминатите 30 години Даглас призна дека направила грешка и лажно го идентификувала Стрикленд, по што постојано правела напори за да го ослободи преку организацијата „Мидвест иносенс проџект“ за докажување на невиноста на осудениците кои тврдат дека не ги сториле делата за кои се обвинети.
Даглас починала во 2015 година, пред да може формално да се откаже од сведочењето против Стрикленд, но нејзината мајка, сестра и ќерка сведочеа пред судот дека таа признала дека го избрала погрешниот човек.
Стрикленд им се заблагодари на судиите кои детално го слушале неговото објаснување за што точно се случило во 1978 година, и рече дека сака да се вклучи и евентуално да влијае врз законодавството, додавајќи дека има идеи како да помогне тоа што му се случило нему да не му се случи на некој друг.
Мисури ги обештетува само затворениците ослободени преку ДНК докази, но не и оние врз основа на сведочењето на очевидците. Затоа, „Мидвест иносенс проџект“ отвори сметка за донации со цел да му се помогне финансиски на Стрикленд.