Загрижувачки предупредувања според кои властите од Средниот Исток „се разуздени во постојаното замолчување на медиумите“ можат да се забележат во последната колумна на саудискиот новинар Џамал Кашоги, која американски „Вашингтон пост“ ја објави две недели по неговото исчезнување. Тој беше виден последен пат, влегувајќи во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Колумната е објавена неколку часа откако провладиниот турски весник „Јени шафак“ излезе со тврдења оти Кашоги бил убиен во конзулатот. 

Во воведот што и претходи на колумната, Карен Атијах, пишува дека го добила текстот од преведувачот на Кашоги, еден ден по исчезнувањето на новинарот. Последниот напис на Кашоги е насловен „Џамал Кашоги: На арапскиот свет му е најпотребно слободното изразување“.

Кашоги наведува инцидент во кој истакнат писател бил затворен поради ставовите против саудиските власти, а пишува и за преземањето на одреден весник од страна на власта во Египет.

– Ваквите постапки веќе не предизвикуваат последици и реакции од меѓународната јавност. Наместо тоа, постапките можат да предизвикаат осуда, набргу проследена со тишина. Како резултат на тоа, арапските власти се разуздени за да продолжат да ги замолчуваат медиумите. Арапскиот свет се соочува со сопствена верзија на железната завеса, наметната, не од надворешните актери, туку од домашните сили кои се борат за власт – напишал Кашоги, кој ја спомнува и контролата на Интернет во регионот, со цел да држат контрола врз информациите кои стигнуваат до тамошните граѓани.

Кашоги почна да пишува за „Вашингтон пост“ во септември 2017 година, откако неговите колумни честопати го критикуваа саудискиот принц Мохамед бин Салман и начинот на управување на Саудиска Арабија. Тој го пофали американскиот весник бидејќи превел повеќе негови колумни на арапски, правејќи ги достапни за читателите во Средниот Исток.

„Вашингтон пост“ првобитно го одложи објавувањето на колумната во надеж дека Кашоги ќе биде пронајден.

– Оваа колумна совршено ја отсликува неговата посветеност и пасија за слобода на арапскиот свет. Слобода за која го даде животот – се наведува во заклучокот на Атијах во „Вашингтон пост“.