Ретко кога и ретко каде во светот во толку краток временски период се одиграле толку важни политичко-дипломатски и воени настани, колку што се случија изминатиот период на Блискиот Исток. Се работи за своевидна „голема недела“, по која на блискоисточните простори, но и пошироко, повеќе ништо нема да биде исто, нагласува Геополитика
Во изминатиот период на Блискиот Исток се случија цела серија меѓусебно поврзани значајни настани: турската воена операција „Извор на мирот“, американско-турските преговори во Анкара, руско-турските преговори во Сочи, отфрлањето на европската иницијатива за завршување на турската интервенција и воспоставување на мирот, посетата на рускиот претседател Владимир Путин на најмоќните арапски земји – Саудиска Арабија и ОАЕ и, конечно, првиот самит Русија – Африка.
Турската воена операција „Извор на мирот“, и покрај силните критики од ЕУ и од американската опозиција од редовите на Демократската партија, на крајот навистина може да стане тоа што го кажува нејзиното име – извор на мирот и важна точка, по која работите во Сирија ќе се движат кон формален прекин на осумгодишната граѓанска војна и пронаоѓање трајно политичко решение – задоволувачко за сите клучни играчи.
Турската операција во воена смисла траеше многу кратко (сѐ на сѐ една недела) и во тоа време кога Анкара оствари поединечни важни цели, неопходни за планираното воспоставување погранична зона на сириската територија – од Еуфрат на запад до границата со Ирак на истокот на Сирија, длабока 30 километри и долга 480 километри. Но важно е да се истакне дека поголемиот дел од тоа Турција нема да го оствари со воени операции, туку со политички преговори со светските сили САД и Русија.
Периодот за тие преговори беше совршен за Анкара: Турција немаше доволно ниту воена и економска ниту дипломатска сила за долготрајна војна, во која сама би војувала против сите и од меѓународната заедница би била етикитерана како агресор на суверена земја, под закана на сеопфатни санкции. Се разбира, таквиот радикален развој на ситуацијата на Анкара не ѝ беше цел, па по потпишувањето на договорот во Сочи, уште следниот ден, на 23 октомври и официјално ја прекина својата воена операција. Со тој договор таа доби сѐ што посакуваше – безбедносна зона по должината на својата граница со Сирија и повлекување на курдските вооружени формации. Русија и сириската влада преку овој договор добија можност за преминување на Еуфрат и заземање на стратегиските градови (Манбиџ, Рака, Табка, Кобани), кои дотогаш беа под контрола на Сириските демократски сили (СДС) под заштита на САД, како и заедничко патролирање на руско-турските, односно руски-сириските сили по должината на границата на безбедносната зона. Москва повторно прави психолошки силен потег: таа за овие задачи од Русија испраќа дополнителна бригада од 300 чеченски воени полицајци и педесетина оклопни возила. Покрај тоа, дочека и повлекување на американските војници од источна Сирија (освен базата Ат Танф на тромеѓата помеѓу Сирија, Јордан и Ирак), што им дава многу поголем маневарски простор за дејствување.
И покрај тоа што поголемиот дел аналитичари и медиуми сметаат дека главна заслуга за прекин на турската воена операција има токму договорот Путин – Ердоган, заслуги за овој чин си припишува и американскиот претседател Доналд Трамп, укажувајќи дека најважен момент бил американско-турскиот договор од Анкара за 120-часовно примирје и повлекување на курдските сили. Интересно е тоа што Трамп посочува дека сето ова многу позитивно ќе влијае и на односите помеѓу Турција и Сирија, а притоа ниту со еден збор не ја спомна Русија, ниту во негативна, ниту во позитивна смисла. Па, иако турските и руските аналитичари како клучен момент укажуваат на договорот Путин – Ердоган и го негираат пресудното влијание на Трамп, сепак може да се каже дека ставовите на американскиот и рускиот претседател за ова прашање, ако можеби и не беа усогласени, сигурно не се спротивставени.
Сите критичари на Трамп од редовите на Демократската партија, но и европските сојузници, забораваат два важни факти: американската војска не се повлекуваше во паника од Сирија и притоа немаше загуби, туку постапуваше исклучиво по команда на врховниот командант и, второ, Трамп уште во предизборната кампања во 2016 година јасно кажа дека негов надворешнополитички приоритет е повлекување на американските војници од сите светски оружени судири, јасно споменувајќи ги Сирија и Авганистан. Со други зборови, тој ништо не работи неплански или избрзано, туку на дело го спроведува тоа што го најави уште лани, зборувајќи за новата американска безбедносна и надворешнополитичка доктрина и повлекување на војската од Сирија, што и тогаш предизвика голем број критики од демократите и сојузниците од НАТО, а паднаа и оставки на многу високи функционери, како што е министерот за одбрана Џејмс Матис, кој таквата стратегија не сакаше да ја прифати, а и денес е нејзин голем критичар. Притоа, мора да се додаде дека сето ова околу Сирија, Трамп можеби можеше да го изведе и малку „помеко“, односно да ги предупреди сојузниците на својата одлука. Вака, на крајот излегува дека НАТО ништо не знаел, а на пример во северна Сирија дејствуваше и француски контингент од воени специјалци, кој заедно со американските војници исто така им помагаше на Курдите.
(продолжува)